Дијаспората и патриотизмот на Каролина Гочева

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Македонските иселенички организации тешко обезбедуваат приходи за својата дејност. И нема никаква потреба ним да им се мавта со македонско знаме, бидејќи и тие со гордост знаат да го развиорат во своите простории и на разни други места.

Познатата пејачка Каролина Гочева не е никаков исклучок кога македонската естрада се чувствува повикана да апелира на билдање патриотизам и заштита на македонските интереси и националниот идентитет во редовите на дијаспората. Може да се наведат низа примери и сликовити настани кога македонски пејачи и музичари го виореле македонското знаме меѓу иселениците, повикувајќи на сплотеност, на љубов кон татковината и кон сопствените корени, и на отфрлање на сето она што е пропаганда и негирање на Македонија и „македонството“.

Во случајот на Гочева, која деновиве се пожали на бојкотирање на нејзиниот концерт во Германија, доколку се обидеме да ги толкуваме нејзините остри „патриотски“ критики, тоа не било направено „ниту од Грци, ниту од Бугари, ниту од оние што ни го газеа знамето, туку од македонско друштво од Дизелдорф“. На таквите нејзини жестоки осуди, пренесени преку цела серија вести во македонските медиуми и портали, се надоврзаа и илјадници загрижени „пишувачи“ на социјалните мрежи, врескајќи дека и во дијаспората „петтоколонашите“ и „предавниците“ потполно разочарале со своите лоши намери. Особено сега кога „од толку страни сакаат да нѐ згазат“.

Откако пред присутните во салата одржала лекција како треба да се сака и брани татковината, Гочева одржала концерт кој бил проследен со воодушевувања и овации, а што, се разбира, тешко и дека можело да помине поинаку, имајќи ги предвид вокалните квалитети и исклучителната сценска појава на оваа популарна поп-пејачка.

Организаторите на музичкиот настан веројатно задоволно ги триеле рацете поради инкасираната добивка од продадените влезници, не дозволувајќи да падне сенка врз нивното успешно менаџирање на настанот, поради жалопојките на некои други припадници на истата дијаспора во Диселдорф, кои, изложени на неправедна конкуренција, се соочиле со одлив на очекуваната публика и финансиска загуба на нивниот концерт со пејачи од Македонија, што се одржувал на истиот ден и во истиот град, со оној на Гочева, но бил планиран и најавен многу порано.

Таквите околности и „подметнувања“, преку непочитување на договорените принципи на соработка, очигледно воопшто не наидуваат на некакво посебно разбирање меѓу првенците на македонската естрада. Коментарите на Гочева дека на дело се потврдува вистината оти „сакаме да се газиме себеси“, доволно јасно зборуваат за таквиот однос, дека тоа што е единствено важно во вакви и слични ситуации е пејачот да настапи професионално, да остави убав впечаток и, секако, да го наполни чекмеџето со заслужен хонорар.

Македонската заедница во Германија реагираше на изјавата на Гочева. Во соопштение до јавноста заедницата објасни дека терминот на нејзиниот концерт се поклопувал со настани организирани од друштвото во истиот град, со што „грубо бил прекршен договорот за одржување настани и годишниот план за здруженијата и црковните општини“. Од македонската иселеничка организација во Германија, исто така нагласија дека и во иднина ќе ги осудат сите настани кои ќе бидат организирани во исти или приближни термини со тие на нивните здруженија без претходна најава.

Секој што има барем малку искуство околу предизвиците и тешкотиите во рамки на организираното живеење на иселениците, и финансирање на нивните активности, лесно ја сфаќа смислата и причините за ваквите укажувања. Напори за координирање на годишните планови за работа на иселеничките организации се правени и во други земји, особено кога се во прашање музички забави и концерти со пејачи од Македонија, кои се организираат за истата македонска колонија во некој град или регион, која сите сакаат да ја привлечат поради остварување на сопствени финансиски интереси.

Во Шведска, на пример, пред 10-20 години, кога сѐ уште постеше силна „жед“ за гаснење на носталгичните чувства со чести гостувања на пејачи од татковината, македонските друштва и црковни општини формираа координативни тела за утврдување на датумите. Управните одбори едноставно не можеа да го негираат значењето на меѓусебното договарање, бидејќи на музичките настани по повод Велигденските или Божиќните празници, и низа други датуми и поводи, никој нема да биде посебно задоволен од сработеното, доколку продолжат да се натпреваруваат кому ќе му појде од рака да привлече поголема публика, и да продаде поголем број влезници, меѓу буквално истата публика.

А за какви финансиски интереси станува збор? Главно за покривање на трошоците за одржување на закупените простории на друштвата или црковните општини, за набавка на носии на фолклорните секции, спортска опрема за сопствените фудбалски клубови во градската лига… Македонските иселенички организации тешко обезбедуваат приходи за својата дејност. И нема никаква потреба ним да им се мавта со македонско знаме, бидејќи и тие со гордост знаат да го развиорат во своите простории и на разни други места. А ако меѓу иселениците некаде се случува да провејува и некое друго државно знаме, тогаш тоа е тема за друг вид анализа, а не во овој контекст на музички концерти.

Но пред која публика во Западна Европа, всушност, настапуваат македонските поп и фолк ѕвезди? И дали македонската дијаспора може да се подели на делови, кои на сите пејачи и музичари од татковината ќе им обезбедат доволно висок одзив и посетеност, а со тоа и убава можност за добри „зделки“? Реалноста е мошне едноставна. Би можеле ли првенците на македонската естрада да настапуваат на турнеи, со концерти во повеќе градови во европските земји, доколку ја немаше и нивната доминантна публика – македонската дијаспора? Тој неоспорен факт тешко може да се игнорира, и заслужува барем малку повеќе респект – од страна на големите македонски пејачки ѕвезди. Без иселениците, тие во најдобар случај би можеле да се надеваат на некоја друга публика, доколку би настапиле на отворени простори, на плоштадите, во градските паркови или на платоата пред железничките станици во големите урбани центри во Холандија, Германија, Шведска, Белгија или Швајцарија.

Не само Каролина Гочева, која реагира со индигнација и сака да остави впечаток на висок морален статус, туку и многумина други нејзини колеги со микрофон, секоја наредна година во странство може да се надеваат само на истата публика, истите луѓе кои сакаат и се борат да ги заштитат и своите организации, кои им се неопходни за да ја заштитат и негуваат сопствената култура, во „туѓината“. Доколку ги потценувате нивните напори и амбиции, не правите ништо друго освен што поттикнувате натамошни поделби и фрустрации. Тоа во редовите на македонската дијаспора, која многумина во татковината ја гледаат како непресушен извор на евра или долари, впречем, не претставува ништо ново.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот