Дијаспора и јазична асимилација во ЕУ

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Доколку шефицата на Европската комисија јасно стави до знаење кој јазик го почитува Брисел, тогаш императив во преговарачкиот процес, без оглед на бугарските и сите други негаторски апетити, мора да биде не само влез на Македонија во ЕУ, туку и приклучување на македонскиот јазик – без никакви додавки, фусноти и појаснувања – како еден од официјалните јазици на ЕУ.

Имаат ли право луѓето јавно да го зборуваат својот мајчин јазик во ЕУ и во земјите кандидатки за членство? Без притоа да стравуваат дека би можеле да бидат казнети поради тоа што се повикуваат на таквото право слободно да изберат на кој јазик сакаат да зборуваат во јавна комуникација. Во одделни ЕУ-членки неретко се актуализира ова прашање, со цел да се изврши притисок врз владите силно да се заложат за почитување на начелото на слободен јазичен избор.

Но, не е секаде така. Негатори има многу. Во Европа во последните години на поширок план е добро познато дека Бугарија на најгруб начин го негира постоењето на македонскиот јазик, официјален јазик на нејзиниот западен сосед, тврдејќи дека не станува збор за посебен јазик, туку за производ на западнобугарски дијалект. Напоредно на тоа, официјална Софија со децении наназад тврдокорно одбива да го признае постоењето на македонско малцинство и применува стриктна забрана за користење на македонскиот јазик во Бугарија.

Таквиот дискриминаторски однос е карактеристичен и за други ЕУ-членки, како, на пример, за Грција, каде што мошне тешко се прифаќа фактот дека меѓу граѓаните во оваа земја има и такви што зборуваат други јазици, а не само грчки. Но прашањето што најчесто останува без конкретен и јасен одговор е зошто ЕУ не реагира за да ги осуди таквите дискриминаторски политики на своите членки, имајќи предвид дека во Повелбата на Европската Унија за основните права, која беше донесена во 2000 година и стана правно обврзувачка преку Лисабонскиот договор, е децидно пропишана забрана за каква било дискриминација врз основа на јазик, а едновремено ѝ се наложува на ЕУ да ја респектира јазичната разновидност.

Се чини, сепак, дека Брисел не може секогаш целосно да ги затвори очите. Можеби токму затоа, додека лани се кршеа копјата околу прифаќањето на францускиот предлог и билатералниот протокол со Бугарија, и додека некои бирократи во Брисел почнаа мошне дрско да лансираат формулација за некаков си недефиниран „јазик што го зборуваат луѓето во Република Северна Македонија“, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, веројатно свесна за тоа каков избор треба да направи, отиде во Скопје и среде македонското Собрание рече дека „нема сомнение дека македонскиот јазик е ваш јазик и ние целосно го почитуваме тоа“. Заклучокот што можеше да се извлече беше дека Фон дер Лајен стави до знаење пред цела Европа на каков јазик ќе се водат преговорите со земјата кандидатка Северна Македонија, без оглед што мислат Бугарите и до кој степен во Софија можат да креваат политичка хистерија околу тоа.

Принципиелен став во овој контекст е нешто што треба да се очекува и на што треба постојано да се инсистира, вклучувајќи ја, се разбира, и употребата на јазиците во земјите кандидатки. Како, на пример, во Турција, каде што пред неколку години претседателот на еден фудбалски клуб во Шведска бил повикан на сослушување кај турски обвинител, бидејќи на курдски јазик зборувал за курдски права на јавен собир во неговото родно место во југоисточна Турција. Шведско-курдскиот претседател на фудбалски клуб бил обвинет дека незаконски го зборувал својот јазик, курдски, во земја кандидатка за членство во ЕУ. Преку пратеничко прашање во шведскиот парламент беше барано од министерот за европски прашања да се заложи за почитување на принципот дека сите можат слободно да го зборуваат својот јазик, или кој било друг јазик што самите го избираат во целата ЕУ и во земјите кандидатки.

Но, околностите се менуваат во меѓудржавните односи, така што е прашање во колкава мера би можело да се очекува од шведската влада да се ангажира на таков начин во сегашните услови, кога се знае дека турскиот претседател Ердоган го блокира зачленувањето на Шведска во НАТО, со сериозни забелешки дека Шведска наводно поддржува курдски терористички организации и не изразува подготвеност да испорача Курди кои Анкара ги бара, тврдејќи дека станува збор за лица вмешани во тероризам. Актуелната шведска конзервативно-десничарска влада има сериозни причини да пристапува со извесна задршка поради чувствителноста на политичкиот контекст што го форсира Турција, иако е тешко да се замисли дека владата во Стокхолм, моментно и во улога на претседавач со ЕУ, одеднаш би се откажала од начелото на слободна употреба на кој било мнозински или малцински јазик во јавното комуницирање.

Но, за јазичната проблематика во ЕУ, во скандинавските и во други западноевропски земји, во последните години сè повеќе се зборува во однос на унапредувањето на натамошната интеграција на малцинските и разните мигрантски групи во општеството. Поради договорот за соработка со екстремно десничарската и антимигрантска партија Шведски демократи, за обезбедување парламентарно мнозинство, актуелната шведска влада започна преиспитување на прашањето дали е сè уште потребна настава по мајчин јазик, јавно финансирана како образовен модел во шведските училишта уште од 1970-ите  години, со реформа спроведена од страна на социјалдемократската партија.

Идејата со една таква државна политика била да им се помогне на доселениците да го зачуваат и развијат својот јазичен и културен идентитет, меѓу другото со овозможување на дополнителна настава по мајчин јазик. Но, за разлика од пред неколку децении, кога се сметало дека многумина мигранти биле „на привремена работа во странство“ и планирале да се вратат дома, при што реадаптацијата во нивните матични општества би одела полесно доколку им се помогне да го зачуваат својот јазик, денес во интеграциската политика на шведските владини кругови дуваат студени ветришта.

За разлика од 1975 година, кога околу пет отсто од населението во Шведска биле „странци“, денес бројката на оние што се родени во странство изнесува повеќе од 20 отсто. Со тоа и групата ученици што имаат право на настава по мајчин јазик е значајно зголемена и изнесува една третина од вкупниот број ученици во земјата. Освен тоа, многумина мигранти поголемиот дел од животот во „новата земја“ го поминуваат во рамките на својата група на дијаспора и на таков начин го практикуваат својот мајчин јазик во меѓусебна комуникација, што е само делумно точно, бидејќи без наставата по мајчин јазик, всушност, само би се забрзала јазичната асимилација меѓу новите иселенички генерации. Во редовите на македонската дијаспора таквите процеси земаат замав, во услови на отсуство на посериозна стратегија за поддршка на напорите за зачувување на мајчиниот јазик меѓу иселениците, зад која би стоеле македонски државни органи. Асимилација на дијаспората секако ќе биде забрзана и со лансирање на нови десничарски владини политики, спротивни на споменатата социјалдемократска реформа од пред половина век, а според кои сега се пропагира дека општествените услови се од поодамна изменети и дека повеќе не би требало да се применуваат јавно финансирани модели за развој на мигрантските јазични идентитети.

Нови ветришта и нови предизвици, посебно за помалите јазици што секогаш се изложени на посилни процеси на асимилација. Но, во секој случај, и понатаму се тврди дека ЕУ се темели на мотото „Обединети во различноста“, кое никој посебно не го оспорува, а со кое токму посебните јазици се сметаат за најдиректен израз на националните култури обединети во ЕУ.

Македонскиот јазик во моментов е дел од ЕУ преку мошне бројната македонска дијаспора, која сосема извесно, и покрај недоволната организираност и изложеност на асимилација, и во иднина ќе придонесува за збогатување на европската јазична разновидност. Токму затоа не се пожелни никакви јалови полемики и дебати за докажување дека македонскиот јазик има своја историја и посебност. Предизвик посебно кога се во прашање политиките на македонската влада треба да биде неговата заштита, и тоа не само на домашен план, туку и во редовите на дијаспората кај соседите и пошироко, во Европа и во светот. Доколку шефицата на Европската комисија во Собранието јасно стави до знаење кој јазик го почитува Брисел, тогаш императив во преговарачкиот процес, без оглед на бугарските и сите други дискриминаторски и негаторски апетити, мора да биде не само влез на Македонија во членството, туку и приклучување на македонскиот јазик без никакви додавки, фусноти и појаснувања како еден од официјалните јазици на ЕУ. Само на таков начин Македонија, со својата национална, идентитетска и јазична посебност, ќе може да се обедини во европската различност.

(Авторот е новинар)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот