„Дијамантот“ од Фенербахче, стана „феномен“ на Наполи

Елиф Елмас се очекува наскоро да потпише договор со тимот на Наполи, со што ќе биде реализиран неговиот трансфер од Фенербахче, каде се здоби со интернационална популарност.

Пола година траше сагата на трансферот на македонскиот репрезентативец, кој за сума од 15 милиони евра се пресели на Апенинскиот Полуостров, со што стана нашиот најскап фудбалер во историјата. Елмас во Фенербахче замина од Работнички за 180.000 евра исплатени во компензација, а по две сезони тој стана еден од најбараните млади фудбалери во Европа.

twitter.com/SpursTransfer10

Тренерот на Наполи, Карло Анчелоти го стави како приоритет за засилување летово Елмас и на крајот му појде од рака да го добие.

– Сакаме модерен фудбалер, кој потсетува на Фабијан Руиз – изјави неодамна Анчелоти, најавувајќи дека преговорите се Фенербахче се пред самиот крај.

Во Наполи се горди на Фабијан Руиз, кој како многу млад пристигна во Неапол и израсна во еден од најдобрите европски фудбалери од средниот ред, по што доби покана да заигра и во редовите на шпанската фудбалска репрезентација.

Истото во тимот се надеваат дека ќе се случи и со Елмас, кој од талент ќе прерасне во голем фудбалер, кој потоа ќе биде еден од носителите на играта.

Во италијанскиот печат се опишува врската со Горан Пандев, кој наводно имал голема улога во убедувањето на Елмас, за идна дестинација во кариерата да ја одбере Италија. Се додава и дека и македонскиот селектор Игор Ангеловски, го советувал младиот фудбалер да се пресели во Серија А, што имало големо влијание на неговата одлука. Секако, финансиската криза која го погоди Фенербахче е главната причина што македонскиот репрезентативец по само две години го напушти Истанбул, се потенцира во италијанските медиуми.

За денеска беа најавени лекарските прегледи во Неапол, по што ќе треба да се одржи уште церемонијата на ставање потпис на договорот, па да го прогласиме Елиф Елмас за нов фудбалер во составот предводен од трофејниот Карло Анчелоти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот