„Дијамантот“ Елмас со највисока оценка во историската победа над Исланд

елмас македонија исланд
Елиф Елмас покажа уште еднаш зошто е „дијамант“/ фото: Слободен печат/Драган Митрески

Македонската А репрезентација никогаш во својата историја не била толку блиску до пласман на Светско првенство, ја делат уште само две победи од остварувањето на целта.

Избраниците на селекторот Благоја Милевски на Националната арена „Тодор Проески“ – Скопје со 3:1 го совладаа Исланд и на тој начин го обезбедија местото во мундијалскиот бараж.

Еден од најзаслужните за историскиот триумф беше 22-годишниот играч на Наполи, Елиф Елмас со двата голови во второто полувреме.

Столе Димитриевски (7) – Воглавно кога беше најпотребно топката во текот на исландските напади завршуваше во неговите раце. Мораше да внимава после добиениот жолт картон, а не можеше ништо да направи околу примениот гол.

Стефан Ристовски (7) – Со неговото присуство и искуство уште поголема стабилност има во нашата одбрана, но воедно има задача да дистрибуира што повеќе топки. Со најголема прецизност, 94% во подавањата, успешни стартови, отстранување на опасноста, блокирани удари, само уште еден добар меч за дефанзивецот на Динамо Загреб.

Висар Муслиу (7) – Исто како С. Ристовски успешно си ја заврши задачата во одбраната. Не може ништо да му се забележи во таа 54 минута бидејќи имаше двајца играчи пред себе, испрати само еден поглед кон Алиоски.

ГАЛЕРИЈА:  „Рисовите“ повторно ја израдуваа фудбалска Македонија 

Дарко Велковски (6,5) – Во клучните моменти навремено ја отстрануваше топката од нашиот казнет простор, вкупно трипати, имаше еден шут кон противничкиот гол, имаше најмногу додавања (73), иако има простор за поголема прецизност во пронаоѓањето на своите репрезентативни колеги.

Езџан Алиоски (7,5) – Уште на самиот старт со неговиот погодок во прав момент уште повеќе ја крена атмосферата на трибините. Беше една од најголемите закани за исландскиот голман, со пет удари, два во рамките на противничкиот гол.

Елиф Елмас (8) – Со неговите два голови го урна Исланд во вториот дел. Дефинитивно заедно со Алиоски беа најголемата опасност за Исланд, иако во одредени моменти од мечот немаше добро контрола на топката, но затоа со дриблинзите одлично се ослободуваше од противничките фудбалери. Штета што нема да биде дел од полуфиналето во баражот за пласман на СП.

Енис Барди (7,5) – После хет-трикот во Ереван, уште еден одличен настап за играчот на Леванте. Шест клучни додавања, покажа голема борба на средината на теренот, излегувајќи како победник во дуелите, испраќајки долги топки, но не се покажа најдобро во контролата на топката, иако најмногу ја допре, вкупно 94 пати.

Тихомир Костадинов (7) – Исто така имаше висока прецизност во додавањата (90.5%), доста борбен против Исланѓаните, изнудувајќи фаули, но и активен во одбранбениот дел.

Дарко Чурлинов (6,5) – Беше незгодно фаулиран, па мораше да биде заменет на стартот од вториот дел. Во 40 минута успеа да постигне гол, но истиот беше поништен поради офсајд. Имаше неколку добиени дуели, не така висока прецизност во додавањата (79%), севкупно има уште доста простор за напредок во неговата игра.

Милан Ристовски (6,5) – Овојпат не се запиша во листата на стрелците, имаше три обиди, дриблинг, двапати фаулиран, беше и активен во одбраната, со еден блокиран удар, две расчистувања. Да се надеваме дека неговата реализација во иднина ќе биде поактивна со оглед на довербата што ја добива од селекторот Милевски.

Александар Трајковски (7,5) – Во прав момент го пронајде Алиоски за водство на Македонија. Во нападот имаше два обиди, две клучни додавања и успешен во дуелите.
—————————–
Стефан Ашковски (6,5) – Беше замена за Чурлинов, се покажа солиден во својот настап, со 77,8% прецизност на додавањата.

Стефан Спировски (6) – Дефанзивно имаше еден фаул, офанзивно еднаш фаулиран и со една лоша контрола на топката.

Бојан Миовски (7,5) – Се гледа големиот потенцијал во него и желбата за надигрување. Во 86 минута сo убав потег асистираше до Елмас за 3:1.

Ѓоко Зајков (6) – Нема што многу да се каже за членот на Левски Софија, во финишот го замени С. Ристовски во дефанзивниот дел колку да се задржи противникот што подалеку од голот на Димитриевски. Со седум додавања и една испратена долга топка.

Милевски: Овие фудбалери имаат потенцијал за поголеми работи 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот