Дијалог на глуви помеѓу двете најмоќни фудбалски организации кој може да му наштети на фудбалот

Џани Инфантино и Александар Чеферин/ фото: EPA/MARKKU OJALA

Европската фудбалска федерација (УЕФА) на состанокот на Извршниот одбор во Кишињев кој се одржа пред неколку дена уште еднаш остро ја критикуваше идејата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за нејзината идеја Мундијалите да се играат на секои две години, по што започна нов бран на препукување на двете најмоќни организации.

УЕФА уште еднаш ја повика ФИФА ја престане да го спроведува планот за воведување на Светско првенство на секои две години и наместо тоа да започне вистински консултации и разговори околу реформата на меѓународниот календар на натпревари.

„УЕФА е разочарана со усвоената методологија на ФИФА кога до сега донесе радикални промени кои се промовирани и тоа пред останатите учесници во фудбалот да имаат можност да учествуваат на било какви консултации“, објави УЕФА.

Европската куќа на фудбалот порача дека постојат многу причини за загриженост околу новиот план на ФИФА вклучувајќи и намалување на вредноста на Светското првенство, ризик од зголемото оптеретување на фудбалерите како и туркањето на женскиот фудбал во втор план.

„Ова се само некои од сериозните проблеми кои предлогот на ФИФА може да ги предизвика на прв поглед и кои не можат да се отстранат со промотивните слогани за некаква наводна предност на новиот план“, порачуваат од европската куќа на фудбалот.

Згора на тоа, од УЕФА порачаа дека уште на 14. септември побарале состанок со челниците на ФИФА, но повратен одговор не пристигнал.

Поради тоа, претседателот на УЕФА, Александар Чеферин предупреди дека европските репрезентации може да го бојкотираат Светското првенство доколку се остварат плановите на ФИФА, и за тоа имаат поддршка од уште една моќна конфередија, Конмебол (фудбалска федерација на Јужна Америка).

– Можеме да одлучиме да не играме на СП. Колку што знам и Јужноамериканците се на наша страна. Значи среќно со такво Светско првенство. Мислам дека никогаш нема да се случи таа промена бидејќи е целосно спротивна на основните начела на фудбалот – изјави неодамна Чеферин.

Загриженост истакна и синдикатот на професионални фудбалери ФИФПро, но одговорот од ФИФА на директните прашања нема, туку тие продолжуваат со својата кампања со која се надеваат дека успее нивниот план.

Главен агитатор е поранешниот менаџер на Арсенал, Арсен Венгер кој сега е шеф за глобален развој на фудбалот во ФИФА.

„Паузата од четири години помеѓу Светските првенства е преголема, а шансите за пласман се премали поради што се случува да се прескокнат цели генерации на таленти“, тврдат од ФИФА и потенцираат дека парите не се главната причина за нивната идеја.

Исто така порачаа дека ги повикуваат сите инволвирани страни во фудбалот на консултации на 30 септември и до тој датум нема да одговараат на обвинувањата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот