Дијабетичарите се жалат, два месеца нема ленти за мерење шеќер, од здравство велат не е точно

дијабетес
Фото: Профимедиа

Веќе два месеца дијабетичарите се соочуваат со недостаток на ленти за мерење шеќер во крвта. Проблемот го решаваат со меѓусебна помош, со посредство на социјалните мрежи каде што буквално молат некој да им излезе во пресрет со тоа што ќе им даде ленти.

Претседателката на Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија, Баланс МК, Наташа Деспотовска во изјава за „Слободен печат“ вели дека веќе втор месец во инсулинските аптеки не можат да се најдат ленти за мерење на шеќер во крвта.

– Мојот деветгодишен син има дијабетес Тип 1, тој е комплетно зависен од инсулин. Дијабетичарите кои имаат Тип 1 дијабетес дневно се боцкаат од шест до осум пати за да го проверат шеќерот. Во Македонија има 5.000 вакви пациенти од кои 500 се деца. Недозволиво е да нема ленти за мерење гликемија, тоа за овие пациенти значи живот. А се случува во текот на годината и повеќе пати да нема ленти за мерење гликемија, вели Деспотовска.

Љупчо Боневски е еден од големиот број дијабетичари кои исто така се соочуваат со овој проблем.

– Бев во инсулинската аптека Бит пазар, имаше само инсулин, ленти и иглички нема. Секој месец нешто нема. Мојата пресметка вели дека годишно треба да се боцнам 1.460 пати, а добивам само 100 иглички. Дали има некој во државава да размисли или ќе продолжиме и понатаму сами да се снаоѓаме, вели Боневски.

Од Министерството за здравство велат дека не е точно дека нема ленти за мерење гликемија.

– Нема недостаток на ленти за мерење на гликемија, за секој пациент се води евиденција и нема никаков недостаток, кратко одговорија од Министерството.

Квалитетот на лентите за мерење шеќер во крвта е исто така тема на која често се дискутира. Претседателката на Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија, вели дека веќе подолго време се упатуваат барања до Министерството за здравство и до ФЗОМ да обезбедат ленти за мерење гликемија со висок квалитет.

– Квалитетот на лентите да се реши како што е во сите земји. Државата ќе одреди референтна цена на глукомерите и на лентите, а ние сами да си одлучиме какви ленти сакаме да користиме, дали бесплатни или со доплата. Лентите кои сега ги имаме на располагање често пати прават отстапки од реалната вредност, а тоа предизвикува опасност да се згреши со инсулинската терапија, објаснува Деспотовска, и додава дека отстапка од два милимоли на литар е честа појава со сегашните ленти, што особено кај децата може да предизвика инсулински шок.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот