Дијабетесот може да биде прв знак за рак на панкреас: Кои симптоми дополнително може да се појават?

дијабетес
Фото: Профимедиа

Кај лицата што нагло ќе развијат дијабетес во возрасната доба, дефинитивно се советува да се анализира подрачјето на панкреасот.

Панкреасот е жлезда со форма на хоризонтално положена тенка круша, а се наоѓа помеѓу желудникот, тенкото црево и ’рбетот. Се состои од три дела. Широкиот дел се нарекува глава, која продолжува на телото и потоа на потесниот дел кој се нарекува опашка. Туморите најчесто настануваат во пределот на главата.

Панкреасот има двојна функција: егзокрина (произведува ензими што ги лачи во цревото, а кои помагаат во разградување на храната) и ендокрина (лачи хормони како инсулин и глукагон, кои се важни за контрола на нивото на шеќер во крвта). Околу 95 отсто од случаите на рак на панкреасот настануваат во егзокрините клетки (аденокарцином), но во панкреасот може да се развијат и невроендокрини тумори, кои настануваат од ендокрините клетки. Аденокарциномот на панкреасот спаѓа меѓу најагресивните малигни тумори.

Ризични фактори

Некои од факторите што го зголемуваат ризикот од развој на рак на панкреасот се пушењето, дебелината, позитивната лична и/или семејна историја на дијабетес или на хроничен панкреатит и разните генетски синдроми (на пример, MEN1, Lynch, VHL и други). Поврзано со дијабетесот, тој не е само ризичен фактор, туку може да биде и прв ран знак за развој на ракот на панкреасот. Затоа, кај лицата што нагло ќе развијат дијабетес во возрасната доба, дефинитивно се советува да се анализира подрачјето на панкреасот.

Знаци и симптоми

Во раната фаза, болеста честопати нема забележителни симптоми. Како што напредува болеста, може да се појави жолтица (жолта боја на кожата и очите), бледа столица, темна урина, болка во средно-горниот дел на стомакот и грбот (болката често се шири во појасот), губење на телесната тежина без очигледна причина, губење на апетитот и постојан замор.

Стадиуми на болеста

Прогнозата на пациентот со рак на панкреас зависи од повеќе фактори, како дали туморот е операбилен, стадиумот на болеста, општата состојба на пациентот и станува збор за прва појавува на болеста или болеста се вратила по претходно лекување. Општо земено, се работи за агресивна болест и важно е да се открие болеста што е можно порано, со цел да се подобрат шансите за излекување.

Во првиот стадиум , болеста е ограничена само на панкреасот и туморот има максимален дијаметар од 4 см. Во вториот стадиум, туморот е поголем од 4 см или се зафатени лимфни јазли (максимално до 3 јазли). Во третиот стадиум се зафатени 4 или повеќе лимфни јазли или се зафатени големи крвни садови околу панкреасот. Во овој стадиум, по правило, не е можно комплетно хируршко отстранување на болеста. Четвртиот стадиум од болеста укажува на присуство на оддалечени метастази.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот