Дибиров: Многу ќе ми значи да влезам во „клубот 1.000“

Тимур Дибиров е најдобар стрелец на Вардар во Лигата на шампионите/фото: Слободен печат/Драган Митрески

Крилото на Вардар треба да даде уште 22 гола и да ја достигне бројката од 1.000 постигнати голови на вечната листа на голгетери во Лигата на шампионите. Тој очекува тоа да се случи набргу и ќе биде пресреќен кога ќе влезе во елитниот „клуб 1.000“, во кој сега се само Кирил Лазаров и Никола Карабатиќ.

Тимур Дибиров, крилото на Вардар, со седумте постигнати гола на мечот Вардар – Монпелје, стигна до цифрата вкупно 978 постигнати голови во Лигата на шампионите што на вечната топ-листа го зајакна на третото место, по првопласираниот Кирил Лазаров и Никола Карабатиќ.

Лазаров и Карабатиќ имаат над 1.000 постигнати гола во ЛШ и засега се единствени членови во „клубот 1.000“ на најелитните стрелци во ова натпреварување. Дибиров во следните неколку меча во ЛШ со право очекува да ги постигна тие 22 гола кои сезонава би го ставиле во овој специјален клуб, заедно со Карабатиќ (1.096 гола) и рекордерот Лазаров (1.462). Тимур вели дека тоа остварување многу ќе му значи.

– Нормално дека очекувам тоа да се случи. Сигурен сим дека за четири-пет меча ќе стигнам во „клубот 1.000“. За мене тоа е многу значајна бројка. Јас ќе бидам многу среќен кога ќе дојдам до таа бројка. Многу ми значи, затоа што со тоа остварување сакам да им кажам благодарам на сите мои партнери во клубот и во репрезентацијата и сите луѓе што ми помогнале во остварување на оваа висока бројка. Има само двојца кои надминале 1.000 постигнати голови во ЛШ, а тоа се Кирил Лазаров и Никола Карабатиќ. Тоа покажува колку е тешко да дојдеш до такво остварување – вели Дибиров.

Според Дибиров Вардар е таква екипа што може секого да победи, но и од секого да изгуби/ фото: Слободен печат/Драган Митрески

Вардар игра променливо во ЛШ сезонава, а Дибиров вели дека новиот тим на црвено-црните со многу нови играчи сè уште ја нема достигнато онаа тимска хемија потребна за да го даде максимумот.

– Уште е рано да зборуваме дека таа хемија ја има. Знаеме да одиграме одлично, но паѓаме и во криза како на последниот меч со Монпелје. Мислам дека врвната форма овој тим ќе ја достигне на почеток на пролетта. Уште има многу работи на кои треба да се посветиме и да стануваме сè подобри. Покажавме добра игра, но треба време да профункционираме „како саат“ – вели еден од најомилените вардарци.

Вардар во последното четврто коло од ЛШ изгуби убедливо дома од Монпелје откако претходно во три кола имаше едно реми и две победи во низа.

– Тешко да можеш да дојдеш до добар резултат кога екипата не функционира сто отсто. Нешто не одеше добро. Но, професионалци сме, заборавиме на тој пораз и следниот ден одиме понатаму. Во моментов сме таква екипа што можеме секого да победиме, но и од секого да изгубиме – вели Дибиров.

Во следниот период Вардар, петтопласиран во А групата, игра во серија со трите најдобри екипи досега во групата А. Идната среда му гостува на првопласираниот Алборг, потоа го пречекува второпласираниот Кил, а потоа игра со Пик Сегед на гости. Тежок период…

– Тежок период ќе биде. Одиме меч по меч, секако се бориме за победа. Колку ќе имаме бодови по тие три меча ќе видиме, но ќе се обидеме да победиме – вели Тимур.

Засега сезонава ЛШ е избалансирана што се однесува до резултатите.

– Во ЛШ сега нема ниедна непоразена екипа. Тоа значи и двете групи се неизвесни. Сега сме сведоци на ракомет каде нама фаворити и лузери. Сите екипи се силни и имаат моќ да победат секој секого. Помина време кога имаше три-четири екипи за кои однапред се знаеше дека ќе играат фајнал-фор – вели Дибиров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот