Дибиров: Ќе ми недостасуваат Скопје и Македонија

EPA/GEORGI LICOVSKI

Тимур Дибиров кој е еден од најомилените ракометари на Вардар кај навивачите, во интервју за сајтот на руската ракометна федерација, ја отвори душата, и зборуваше за случувањата во „црвено-црниот“ табор откако финансиерот Сергеј Самсоненко најави дека по крајот на сезоната го напушта клубот.

– Сите се согласивме да играме до крај без разлика на проблемите. Карактерот и заедништвото се најголемата предност на овој тим. Имаме победнички менталитет и тоа ни донесе многу радости, и секако најголемата, триумфот во Лигата на шампионите – вели Дибиров во интервјуто.

Токму победничкиот карактер, беше можеби пресудниот момент, ракометарите да успеат да се вратат од бездната во реваншот со ПИК Сегед и на крајот да обезбедат пласман на фајнал фор турнирот во Келн.

– Искуството од вакви натпревари не натера воопшто да не паничиме на полувремето со ПИК Сегед иако губевме со осум голови. Знаевме дека ќе добиеме шанса, ја чекавме и кога ни се укажа, ја искористивме и еве пак ќе играме во Келн – потенцира крилото на Русија и на Вардар.

На крајот од сезоната, сите ракометари се слободни, веќе добиле исписници од клубот иако поранешниот финансиер Михајло Михајловски побара ракометарите да почекаат до 10 мај бидејќи е во преговори со неколку заинтересирани бизнисмени да вложат во Вардар.

– Јас се водам според официјалните информации. Пред првиот натпревар со ПИК Сегед, директорот на клубот ни кажа дека сите сме слободни по крајот на сезоната, сите имаме исписници во рацете и слободни сме да бараме нови клубови. Јас сè уште не сум се договорил со Мешков. Клубот достави понуда, но има најави за понуди од Германија и од други земји. Сè уште размислувам. Ќе ми недостасуваат Скопје и Македонија. Тука се роди ќерка ми, клубот е фантастичен како и навивачите. Скопје ми е втор дом, ние сме професионалци, но си заминувам со полно срце – потенцира Дибиров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот