Џорџо Армани, животна приказна раскажана во прво лице

Профимедиа

Преку животната приказна на кралот на елеганцијата, италијанскиот дизајнер Џорџо Армани (85), раскажана во прво лице, дознаваме многу интересни нешта не само за неговиот живот, туку и за модата и времето во кое живееме.

Постои еден термин штo сакам да ви го објаснам – класика. Класика може да биде западен начин на облекување, може да биде традиционален начин, може да биде нешто што не е воопшто поврзано со креаторот, или обратно, да ги има сите карактеристики на еден дизајнер, за кој би можело да се каже „класичен Армани“. Но јас би можел да кажам и за Готје – еден класичен Готје! Иако неговата мода за вас не е воопшто класична. Тој за мене е класика во тоа што го создава.

Роден сум во Пијаченца, на 11 јули во 1934 година. Бев момченце кога видов запалени куќи, бомбардирање и оган насекаде. Бев ранет од парченца граната. Во животот патев како што патеше Италија во втората светска војна.

Работата во женската мода ја започнав под влијание на машката мода, обидувајќи се да го ресоздадам класичното. За мене, мажите и жените беа еднакви. Револуцијата која ја замислував беше да се открие човечкото тело, без да се разголи, и во оваа смисла „класичниот Армани“ добро ми прилега. Не постои поголем слепец од оној кој не сака да види! Овие мои сфаќања не се плод на полемиките туку одбрана на мојата креативност.

Денес сè е многу тренди

Актуелната мода настојува тоа што важеше вчера да го демантира веќе утре со брзина која е претерана. Оттука имаме инвазија на она што е модерно и голема конфузија. Кога се сугерира комплицирана мода, многу набргу се сфаќа како нешто многу едноставно – по долгото доаѓа кусото, по натрупаноста минимализмот.

Со годините ми се менуваше и начинот на гледање на работите. Би било смешно на мои години да размислувате како дваесетгодишник. Искуството од овие години, повеќе од работата, а многу малку од човечките односи, ме научија многу. Сосема сум различен од времето кога имав 30 години, кога се соочував со животот без некое големо искуство, со доза на незнаење, но со силна смисла за освојување. Никогаш не ме напушти онаа волја да се почне, да се започне макар и одново. Психолошки се развивав нурнат во работата цели 50 години. За мене велат затворен човек сум, малку тажен, ригорозен, строг со другите, најстрог кон самиот себе. Тоа е и имиџот кој го создадов околу себе, како плод на мојата несигурност, на моите големи болки, тешкотии во приватниот живот, самосоочување со смртта на Серџо Галеоти. Оттогаш, па до денес, мислам дека многу омекнав, мислам дека научив да очекувам непредвидливости на сентиментално поле, и воопшто од животот.

Ме плаши апатијата, одмаздата и зависта на еден кон друг

Секојдневно експериментирам, приказните кои сам си ги конструирам се убави. Да гледам напред- тоа ми е обврска. Тоа е одговорноста да се води една компанија каква што е мојата. Многу проекти се однесуваат на иднината во која треба да се исклучи постоењето на мојата личност. И тоа не е лесно да се прифати. Но морам да признаам и дека сум многу поврзан со моето минато. Дали за нешто се каам? Да. Се каам што не ги слушав оние кои бараа да ги слушам, мојата фамилија, луѓето кои работеа долги години со мене….Мојот приоритет секогаш беше професионалниот однос. Животот брзо поминува, не можев да си дозволам да позабавам, да проживеам малку и како човек.

Не се плашам од смртта. Животот многу ми даде, доволно ми даде за да го напуштам без исклучителни драми. Повеќе се плашам од болеста, од физичката декаденција, од зависноста од другите. Би сакал да ме запомнат како човек полн со сила. Тоа е една банална декларација, но барем е искрена. Не се плашам ниту од повторен почеток, од повторното враќање во играта. Тоа до сега го правев многу пати. Прв пат тоа го направив со моето семејство кога се преселивме во Милано, кога го напуштив факултетот, кога мислев да си го дадам животот за да создадам марка. Тоа што ме плаши е апатијата, несигурноста, одмаздата и зависта на еден кон друг, која е еден вид на анемија, неодредено чувство на вина.

Ми се допаѓа идејата да верувам во Бог. Верувам во Бог. И имам уште многу нешта да кажам. Да направам. Да зборувам за себе на креативен начин, како одговорен за мојата империја, тоа е мојата обврска.

На мои години е опасно да се вљубиш. Но уште потешко е да направиш сè за да не можеш да се вљубиш. Многу страдав во љубовта. Пред многу години. Паметам, цел месец не можев да земам воздух. Но најпосле го победив и тоа чувство. Повторно започнав одново.

Рекоа за Армани

Мојот стил е Армани. Никој никаде во ниедно место на земјата веќе не ме прашува во што сум облечена. (Клаудија Кардинале)

Џорџо е синоним за почит. Секогаш се чувствувам сигурна во себе кога сум облечена во „Армани“. Верувам дека Џорџо ќе го запаметиме не само како фантастичен креатор туку и како пророк. (Џулија Робертс)

Се облекувам во „Армани“ зашто совршено ми одговара. Не сакам да бидам најфотографираната жена на вечерта, туку сигурна во себе. (Џоди Фостер)

Кога го запознав Џорџо Армани, во 1979 година, ми изгледаше дека е најелегантен човек на светот. Сега тој направи да има многу такви елегантни луѓе низ светот, кои ги среќавам на секој агол. (Џон Траволта)

Да влезете во светот на Армани тоа е како да почувствувате смиреност после еден циклон. Совршена смиреност. Стил кој не подлегнува на ветровите на сензационализмот. Неговата линија има душа која не може да се дефинира – можете само да кажете „колку убаво!“, и тоа е се. (Софија Лорен)

Откако го добив оскарот можам да кажам дека да се носи „Армани“ носи среќа. Оттогаш тотално му се препуштив. (Мет Дајмон)

Да ви кажам право, а Џорџо тоа добро го знае, јас немам врска од модата! Тој мисли наместо мене. Ги употребува најдобрите материјали на светот. И најпосле, тој е џентлмен. (Ричард Гир)

Барав синоним за зборот „класа“ во речникот. За миг помислив дека таму го видов името Армани (Џорџ Клуни).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот