Џомбитис

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Ја викавме „џомбитис“. За оние помладите – ревакцината што задолжително ја добиваа сите во југословенската армија и без чиј белег во рамото никого не го пуштаа да се врати дома по отслужувањето на воениот рок. Белегот од џомбитисот, значи, беше највисокиот чин, за разлика од „фазанитисот“, позната и како „гуштеритис“ – вакцината што ја добиваа сите нови регрути на почетокот на воениот рок. Како на „билет за дома“, на џомбитисот му завидуваа и офицерите во таа далечна 89-та, кога само ретки можеа да намирисаат како ќе тргнат по ѓаволите и ЈНА и целата федерација само две лета подоцна.

Никој ама ни најмалку не се интересираше зошто воопшто го даваа џомбитисот. Никому не му беше важно што содржи, дали е произведен во Европа, Америка, Русија, Кина, во белградски „Торлак“ или во некоја визба во Индија, колку фази клинички тестирања поминал, на колку примероци, колкав е процентот на ефикасност ниту какви се вообичаените и екстремните несакани ефекти. Наместо тоа, од мартовска на септемвриска класа се пренесуваше приказната дека „можеш да јадеш и камења, ништо нема да ти стане“. Никој, фала Богу, не јадеше камења за да се потврди дали е ефикасна, но сите сонувавме како не боцкаат со неа, како завршен чин пред враќање дома.

Дури и денес, кога секакви информации се достапни со по два клика, тешко е да се пронајде што, всушност, бил „џомбитисот“. Се поклопува со антитоксин тетанус „Ана-Те“, вакцината што вообичаено се дава на возраст од 18 години, со задолжителна ревакцинација по период од една година. Ја има и сега во календарот за вакцинација: „Четврта ревакцинација против тетанус со една доза ТТ вакцина“. Како скроена за војска.

Едноставно, сите имавме доверба дека таму некој учен решил дека треба да се вакцинираме и ревакцинираме со таква и таква вакцина тогаш и тогаш. И тоа беше доволно. Така беше во едноумието.

Не помина многу, се распаднаа и ЈНА и федерацијата и тоа едноумие, кое преку бурен и крвав период на безумие еволуираше во денешното недоумие.

Цела една генерација подоцна, повторно засукав ракав за вакцина. Овојпат добро поткован со разно-разни податоци за намената, името, потеклото, ефикасноста и содржината на вакцината, за очекуваните и, скраја да е, непосакуваните нуспојави. Фино построени, небаре војска, се наредивме пред салата, почекавме десетина минути пред да не распоредат, а потоа како на фабричка лента на боцкање, до печат за ревакцина, без кој не пуштаат преку капија.

Вакцинацијата се одвива организирано, но пребавно за да се постигне посакуваниот степен на имунизација што би го спречил неконтролираното ширење на вирусот. И до нервите е. Никогаш досега не била создадена толку брзо вакцина за нова болест, а изминатата година ни се чини како вечност. Секој пропуштен ден, секој час, се мери во човечки животи. Кај нас процесот почна доцна, а со ваков капацитет на вакцинирање ќе потрае предолго.

Но, тоа и не е најголемиот проблем. Досега се вакцинирани неколку десетици илјади луѓе. Толку се горе-долу и обезбедените вакцини. Наскоро, овојпат да им веруваме на најавите на надлежните, ќе пристигнат уште неколку стотици илјади дози. Но, прашање е дали ќе има доволно засукани рамења за нив.

Колку и да се малку колебливите, премногу се за да не се постигне колективниот имунитет, оној што цела година сите го кажуваат како „сребрен куршум“ за вирусот. Никој нема право да им го наметне тоа. Најмалку со притисок или наредба. Само со доверба.

А доверба нема. Постојано се негува и се поттикнува недоверба. Недоверба во се. Во политичари, министри и пратеници, во власт и опозиција, во судии и обвинители, новинари и медиуми, во научници и шарлатани, во верници, неверници, јасновидци и сезнајковци, во богаташи и просјаци, во соседи, пријатели и роднини… Немаме доверба ни во сопствениот ум. Недоверба толку силна и вкоренета, како еднаш одамна момчешко наивната доверба во џомбитисот, во ЈНА и во системот, во кој повеќе се водеше сметка за здравјето на нацијата и на системот отколку за здравјето на некој си таму војник.

Наместо да градат доверба, политичарите го трошат секој ден од утро до вечер за да посејат недоверба во противниците. Не знаат или не се способни за поинаку, не е толку важно. Не се и единствените. На секој научник што тврди едно се наоѓаат по двајца што велат друго, па не оставаат крајно збунети, без голем избор кому воопшто да веруваме.

Како да се врати довербата? Не знам. На ова прашање од милион животи одговор немаат ни научно, економски и демократски најразвиените. Во Белгија, ете, секој втор човек нема доверба во вакцините. Тешко е, особено во колевката на човековите права, да се наметне било што, па и вакцинирање за да се спаси колективното здравје, ако притоа се загрозуваат индивидуалните права и слободи. Кај нас уште потешко.

Вирусот, кога и да е, ќе замине. Недовербата ќе остане.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот