Џо Бајден го избра полесниот пат за излез од Авганистан, но последиците ќе бидат грди

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Ризичниот потег всушност е признавање на поразот, но Вашингтон избегна да каже дека САД од Авганистан си заминуваат како од Виетнам – поразени

Војната почна онака како и што заврши, со неуспех. Масакрот што во кабулското училиште го изврши самоубиствен бомбаш, во кој настрадаа најмалку 80 лица, повеќето девојчиња од прогонетото малцинство Хазари, е најнов доказ дека Авганистан е на работ на хаос и дека одлуката
на американскиот претседател да ги повлече своите војници е предвремена.

Централната власт, чие поле на дејство е ограничено на Кабул, дури ни во главниот град не е во состојба да обезбеди сигурност и да го запре напредувањето на талибанците, кои чувствуваат дека се приближува моментот на нивното враќање во градот што го освоија во 1996 година, пред Американците да ги протераат по воената интервенција во 2001 година.

Пентагон за тоа време ја засилува воздушната поддршка за да го обезбеди повлекувањето на
2.500 до 3.500 свои војници и 7.000 од составот на НАТО. Талибанците не ги напаѓаа Американците, почитувајќи го ланскиот договор со администрацијата на Доналд Трамп, но сметаат дека  спогодбата е прекршена бидејќи целосното повлекување не беше спроведено до 1 мај.

Претседателот Џо Бајден тој рок го помести за 11 септември, како симбол дека САД го победиле тероризмот на Ал каеда, која својот најспектакуларен и најубиствен напад, со логистичка поддршка на талибанците, го осмислила и го организирала токму некаде во кањоните на Авганистан.

Талибанците веројатно нема да ги напаѓаат западните сили додека се повлекуваат. Зошто би го провоцирале Бајден да ја преиспита својата одлука.

Нивното време настапува кога странците ќе си заминат. Тогаш ќе тргнат во напад врз владините сили. Граѓанската војна се чини неизбежна. Новиот Исламски Емират Авганистан е реална опција.
Како и поделбата на земјата, со чии делови ќе владејат локални моќници поврзани со милитантни исламисти.

Признавање пораз

Две децении високи американски функционери избегнуваа да ја соопштат вистината, иако им беше јасно дека прикриваат силни докази дека војната не може да се добие, а потоа се појави Бајден: „Јас сум четвртиот американски претседател што ги надгледува американските трупи во Авганистан. Двајца републиканци, двајца демократи. Нема таа одговорност да му ја пренесам на петтиот“.

Ризичниот потег всушност е признавање на поразот, но Вашингтон избегна да каже дека САД од Авганистан си заминуваат како од Виетнам – поразени.

Да, Осама бин Ладен е мртов веќе цела деценија, Ал каеда е во значителен дел неутрализирана, но повлекувањето отвора врата за обновување на активностите на терористичките групи како Исламска држава, која по поразот во Ирак и во Сирија воспостави свои бази во Авганистан.

САД пред две децении се вовлекоа во најдолгата војна во својата историја, која чинеше 2.400 загинати војници и 2.000 милијарди долари вложувања во цел, која на крајот не е остварена.
Најопремената армија на светот претрпе пораз во конфликтот со воено инфериорен противник.
Токму како и Британците во 19 век и Советите во 20 век, кога се обидоа да завладејат со соголените простори на стратегиски важниот правец од Централна Азија до Индиски Океан.

Повлекувањето би требало да има врска со ситуацијата на теренот, но Авганистан е далеку од земјата што Американците ја ветуваа. Централната власт во Кабул, која ја изгуби довербата од народот, ако воопшто некогаш ја имала, едвај успева да го контролира главниот град, додека воено засилените талибанци напредуваат во провинциите.

Се поизолираниот претседаел Ашраф Гани не само што не е популарен, туку не е способен ни за војна ни за мир. Директно е одговорен за подемот на талибанците, а со неспремноста да ја сподели власта ги загрози мировните преговори на авганистанските актери отворени по спогодбата со администрацијата на Трамп.

Притисок врз талибанците?

Повлекувањето е проследено со објаснување дека ќе се зголеми притисокот врз владата во Кабул и врз талибанците да склучат траен мир. Американците да ги притискаат талибанците?
Не успеаја ни со стратегиските бомбардери „б-52“ ни со хеликоптери ни дронови, а некој помислува дека ќе го спречи нивното напредување во време кога победата над големата сила им дава самодоверба во преговорите со другите групи во земјата.

Што е остварено во две децении? Мир? Го нема. Демократија? Ни во зачеток. Права на жените? Смешно. Талибанците сакаат исламистички устав. Конфликтот е во најава. Како и нови бранови бегалци што ќе пристигнуваат до Европа.

Се се сведува на забрзано повлекување во замена за неисполнетото ветување за помалку насилство. Авганистанците што не го поддржуваат архаично бруталниот систем на талибанска власт сметаат, со право дека Американците ги изневериле. Воените советници го предупредуваа Бајден на враќањето кон статус кво од 2001 година.

Поранешната државна секретарка Хилари Клинтон е само една од корпусот демократи што предупредуваа на „огромните последици“ на кои укажуваа и аналитичарите за безбедност: брзо избувнување граѓанска војна, пад на власта во Кабул и обнова на терористичките групи за најмалку две години. Предлагаа „условно повлекување“. Без доволно морална одговорност за 100.000 загинати и ранети авганистански цивили, претседателот не ги послуша. Еден стратегиски дебакл создава нов.

Ирачко сценарио

Кога Советите се повлекоа од Авганистан во 1989 година граѓанската војна не престана, а талибанците во 1996 година влегоа во Кабул. Голема е веројатноста дека Авганистан ќе биде реприза на Ирак откако претседателот Барак Обама ги повлече трупите: ситуацијата нагло се влоши, Исламска држава тргна во офанзива.

Американците мораа да се вратат. Што ќе прави Бајден кога талибанците повторно ќе влезат во Кабул? Што ќе биде кога ќе се распадне војската на која потрошија милијарди долари? Што ако во Кабул се повтори евакуацијата како онаа во Сајгон во април 1975 година? Што кога терористите воспостават свои нови бази? Повторно да се испраќаат војници?

Авганистан е прерано напуштен. Надвладеја амбицијата на американскиот претседател да забележи политички поени и да ги задоволи антивоените сили. Тоа има малку врска со глобалните американски визии за национална безбедност. Уште помалку со враќањето на нормалниот живот за 39 милиони Авганистанци.

Бајден не само што потврди дека Американците лесно ги продаваат своите сојузници, туку и им отвори повеќе простор на Пакистан, Индија, Русија и на Кина. „Бајден го избра полесниот пат за излез од Авганистан, но последиците, по се се чини ќе бидат грди“, пишува „Вашингтон пост“ во редакциски коментар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот