Џио Струмица и Јанта волеј се радуваат на куп пехарите

Фото: facebook.com/volleyballmkd

Почестите во 28 македонски одбојкарски куп ги заслужија Џио Струмица и Јанта волеј Кисела вода. Во финалните натпревари на завршниот турнир во салата „Парк“ во Струмица, тие славеа со четири сета против ривалите и го остварија првиот дел од мисијата во сезоната 2020/21.

Одбојкарите на Џио Струмица го совладаа Универзитет од Тетово со пресврт со 3:1 (18:25, 25:21, 25:20 и 25:16) и четвртипат едноподруго, а вкупно осми го освоија куп-пехарот. Владо Милев, Марјан Урдов и Ристо Николов одиграа одличен меч, па ефектот на Јовица Симовски и на примачите на противникот не можеа да донесат прва клупска титула за Универзитет. Џио Струмица ја продолжи доминацијата во меѓусебните дуели со осма победа во деветтата средба во минатите три сезони сметајќи ја и тековната.

Стабилната игра Милев ја круниса со 19 поени, коректорот Урдов заврши со 17, а центарот Николов заработи 15 од коишто осум беа преку блок. Михаилов и Наков придонесоа со по пет поени, а на три се израдува техничарот Ричлиев. Кај тетовската екипа Симовски имаше 25, Мирковиќ 15, а Бериша 12, но тоа не беше доволно за постојаност во играта што може да биде доволна за триумф.

Од резултатски аспект, женското финале донесе поголема неизвесност. Во петтото куп-финале, Јанта волеј Кисела вода конечно ја освои премиерната титула откако го совлада составот на Вардар жени 2019 со 3:1 (25:18, 25:23, 20:25 и 26:24).

Во „црвено-црниот“ дрес не беа повредените Георгиевска и Славкова на примачка дијагонала, а тоа се покажа голем хендикеп затоа што дел од одбојкарките имаа променети улоги на теренот. Украинката Собол реализираше 22 поена за двократниот првак, а Серафимова и Стојановска завршија со по 13. Маројевиќ имаше 9, Стевановска 4, а Тасевска 3. Кај вардарки најефикасна беше Кубанката Агуеро со 23, Ковачевиќ запиша 10, Лазарова 9, Павловска 7, Казахстанката Курјерова 5, Делчева 4, а Пејовска два поена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот