Џез-викенд: Врвни домашни музичари ќе настапат во Прилеп

Деветото издание на фестивалот „Прилеп џез викенд“ во организација на здружението за субкултура „ПП Џез фестивал“ ќе се одржи на 27, 28 и 29 август на летната сцена од Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Програмата на фестивалот е креирана со ангажирање на врвни домашни музички бендови и артисти. Фестивалот ќе почне со премиерата на филмот „Џезмен – д форм ес а верб“ од Велибор Педевски, снимен на локации во Њујорк, Скопје, Белград и Софија. Станува збор за документарна сторија за живот посветен на уметноста на џезот, која ја раскажува Велибор Педевски. Во филмот учествуваат Вадада Лео Смит, Реџи Николсон, Реџи Воркман, Ентони Брекстон, Сесил Тејлор, како и Влатко Стефановски, Љупчо Поповски, Тимчо Апостолов, Марко Коловски, Оливер Белопета. По проекцијата на филмот ќе следува настап на „Скопје џез инч“.

Втората фестивалска вечер, на 28 август, ќе настапи квартетот на Оливер Јосифовски со премиерната изведба на проектот „Фјужн, дефјужн, конфјужн“, кој содржи оригинални композиции и музички стандарди од егзотичен карактер, измешани со тврд хардрок звук. Истата вечер ќе настапи и, во овој момент, најактуелниот македонски џез состав „Светлост“. Карактеристика за музиката на овој состав е дека истата се менува во зависност од луѓето вклучени во конкретниот проект, а стилските правци се движат од слободен џез, електро-акустична музика и пост-рок, до минимализам и амбиентална музика.

Третата вечер на 29 август ќе почне со промоцијата на книгата „Прес енд плеј“ од Ненад Георгиевски, а ќе продолжи со концерти на „Некст ту сајленс“ и „Бернајс пропаганда“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 45, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 22-23 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот