Џез-сценографија: Постери на Скопје џез-фестивал се појавуваат во хит-серија на „Нетфликс“

Пет постери од Скопскиот џез-фестивал (СЏФ) се појавуваат како дел од сценографијата во новата серија „Еди“ (The Eddy) во режија на оскаровецот Демиен Шазел.

Француско-американската серија „Еди“ во режија на Демиен Шазел на „Нетфликс“ почна да се емитува во мај годинава. Станува збор за драма во осум ТВ-епизоди, во која главниот лик, сопственик на париски џез-клуб, се вплеткува со опасни криминалци борејќи се да го заштити својот бизнис, бенд и ќерката тинејџерка.

Како дел од сценографијата во серијата се употребени пет уметнички плакати на Скопскиот џез-фестивал. Изборот на постерите ги опфаќа изданијата на СЏФ од 1996, 2002, 2007, 2011 и 2012 година. Автори на постерите се агенцијата „Сачи енд сачи“, Гордана Вренцоска („Мекен Ериксон“), Ивица Спасовски („Мекен Ериксон“), како и Бојан Кртолица од 2011 и Таби Азири 2012 година. Сите пет постери се искористени во канцеларијата на главниот протагонист на серијата, сопственикот на џез-клубот каде што се случува добар дел од дејствието.

На прашањето што за СЏФ значи филмски продуценти да се заинтересираат за користење постери изработени за Скопскиот џез-фестивал во сценографија на серија што се емитува на „Нетфликс“, програмскиот директор Оливер Белопета, ни одговори дека тоа е – ништо невообичаено, а ни објасни и зошто:

– Не бев изненаден кога во мај 2019 пристигна еден имејл во кој продуцентите на серијата „Еди“ побараа дозвола за користење на пет постери на СЏФ, и тоа со веќе направен избор. Сеедно што тогаш не знаев дека серијата ќе стане култна и дека режисерот и авторот на музиката се Оскаровци. Се разбира, чувството е убаво, да бидам искрен. Но, приказната со плакатите, каталозите, календарите, видеоспотовите и анимациите на Скопскиот џез-фестивал и нивната екстремно успешна комуникација со светот е долга. Вклучувајќи ја негибнатата репутација (во светот) на фестивалот како еден од неколкуте со најдобри постери. Од средината на деведесеттите години, бројот на највисоките награди што се добиваа на најпрестижните маркетиншки фестивали ќе остане засекогаш недостижен за кој било друг македонски бренд. Па повеќе немам предизвик во нив, мислам на наградите. Да, порано ми било невообичаено кога во некои канцеларии во Обединетите нации или во Брисел во ЕУ ќе ги видев нашите плакати, и тоа кај луѓе што допрва ги запознавав! Исто и на други места во светот.

Пред три години, мојот драг пријател и колега, организаторот на изложбата на плакатите на СЏФ во Љубљана, во прекрасниот текст по тој повод за нашата прва дамнешна средба во Салфелден, Австрија, напиша: „Во Оливер препознав умен и искусен итрец кој сфатил дека еден џез-фестивал од повеќе причини многу полесно и помоќно останува во сеќавање по визуелниот идентитет отколку со музиката“! Се насмеав, во право е за второто, но… Јас не се сметам за таков „итрец“ и не сум имал таква визија, туку на визуелниот дел од фестивалот постојано сум гледал како на некаков издвоен, личен проект. Можеби погрешно. Скоро беше, на моето прашање до програмскиот директор на Музејот на современата уметност во Гент, Белгија (меѓу најинвентивните во светот), зошто во музејот одржуваат два џез-концерти месечно, тој ми одговори: „Јас и мојот претпоставен не можеме да ги одделиме музичката и визуелната уметност“ – одговори Белопета на прашањето од „Културен печат“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 39, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 11-12 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот