Џез-перспективи: Основањето на „ЗЏМ Рекордс“ дојде сосема природно

Портфолиото на Здружението на џез музичари и слободни уметници (ЗЏМ) е збогатено со уште една дејност и на 21 април на сите дигитални аудиостриминг провајдери се појави првенчето на новооснованата дискографска куќа „ЗЏМ Рекордс“. ЗЏМ веќе пет години активно и безрезервно придонесува во промоцијата на македонската џез сцена. Станува збор за самоорганизирани музички професионалци кои за својот ентузијазам, посветеност и желба за работа најдоа здружена форма која дава исклучителни резултати. Деновиве Здружението направи чекор понатаму во својата дејност со промовирањето на новата дискографска куќа „ЗЏМ Рекордс“. За плановите со новата етикета и следните активности на ЗЏМ разговаравме со еден од иницијаторите на Здружението, Гоце Стевковски.

Со каква цел ја основате дискографската куќа „ЗЏМ Рекордс“?

– Главната цел на Здружението на џез музичари од самиот старт беше промоција и поддршка на македонската џез сцена, па оттаму и збогатување на нашата култура, воопшто. Тргнувајќи од таму, дојде природно и основањето на „ЗЏМ Рекордс“, со единствена цел да овозможиме музиката на авторите и групите кои творат во оваа област, пред сè, домашните артисти, да биде достојно претставена и глобално, на светската музичка сцена, користејќи ги придобивките на постоечките аудиостриминг платформи.

Гоце Стевковски – Со нашата активна работа и упорност, сметаме дека успеавме да создадеме бренд од самото име на нашето Здружение

Со кого планирате да соработувате во рамките на „ЗЏМ Рекордс“?

– Првото издание на „ЗЏМ Рекордс“ одлучивме да биде албумот „Лајв ин Охрид“ на Џијан Емин и „Магичниот оркестар“. Станува збор за албум со авторски композиции на нашиот матичен диригент, оркестратор, композитор и мултиинструменталист Џијан Емин, во изведба на членови на ЗЏМ Биг Бенд оркестарот и гудачи од Македонската филхармонија. Во наредните месеци своја промоција под етикетата на „ЗЏМ Рекордс“ ќе имаат уште четири албуми, но нив ќе ги откриеме нешто подоцна.

По пет години од основањето, во која фаза сте сега со ЗЏМ, колку членови сте и од кои музички области?

– Во текот на овие пет години, благодарение на нашата активна работа и упорност, сметаме дека успеавме да создадеме бренд од самото име на нашето Здружение, најмногу преку работата на ЗЏМ Биг Бенд оркестарот и фестивалот „Денес сè е џез“ (Today it’s all about jazz), кој оваа година ќе го доживее своето петто, јубилејно издание, како и останатите џез концерти кои беа реализирани во текот на овие години. Сметаме дека на овој начин успеавме да се претставиме, но и го потврдиме нашето присуство како значаен фактор на македонската џез сцена. Здружението брои околу шеесетина членови, претежно џез музичари, но и музичари од сродните музички правци, професионалци од областа на музиката, студенти, како и музички ентузијасти и поддржувачи на џез музиката.

Веќе стана традиција да го одбележувате Денот на џезот на 30 април. Какви се плановите за оваа година?

– Уште од првото издание на фестивалот „Денес сè е џез“ имавме претензија истата да прерасне во сериозен настан, нешто по што ЗЏМ ќе биде препознатливо, така што секогаш биле избирани учесници кои имаат што да кажат во областа на џез музиката, артисти кои во моментот биле актуелни. На нашата сцена досега настапиле многу значајни музички имиња од земјава, регионот и подалеку, меѓу кои ЗЏМ Биг Бенд оркестарот, „In Between“, Гоце Стевковски Септет, Белучи Квартет, Џоле Грујоски Квартет, „Сетстат“, „Летечки пекинезери“, Тони Китановски Трио, „Фирс“, „Imaginary Folklore“, ЗЏМ Биг бенд со легендарниот американски саксофонист Дон Менза и австрискиот диригент и инструменталист Зиги Фајгл, потоа Лео Џеновезе од Италија, Михаил Јосифов Квартет oд Бугарија, Васил Хаџиманов, „Џезна“, Парусион Квартет, „Боперс“, Џијан Емин и Арменд Џафери со „Проект 5“ од Косово.

Поради ковид-ситуацијата во земјава и во светот, оваа година „Денес сè е џез“ ќе се одржи кон средината на мај, кога се надеваме ќе попуштат кризните мерки. Фестивалот остана верен на својата публика и имаше свое издание и минатата година, кога и покрај сите потешкотии со пандемијата на крајот имавме солидна програма во која настапија ЗЏМ Колектив, Мартин Ѓаконовски Шпато, Џон Апелгрен ДСХ, Трајче Велков Квартет, „Кабадајас“, „Светлост“, Антоние Весковски, Георги Шарески и др. Дел од концертите се пренесуваа со онлајн стриминг, дел беа изведени во живо. Годинава ќе биде петта по ред како што се одржува овој фестивал и повторно предност ќе имаат македонските џез артисти, при што ќе следи интересна програма во која акцентот ќе биде ставен на авторските бендови. Се разбира, се очекуваат и гости од надвор, но целата официјална програма ќе биде објавена набргу.

Џијан Емин / Фотографија: Маја Аргакијева

Музичко првенче – двојно задоволство

Фактот што албумот на Џијан Емин и „Магичниот оркестар“ со наслов „Лајв ин Охрид“ е првенче на новата етикета „ЗЏМ Рекордс“ има двојно значење за диригентот, оркестратор, композитор и мултиинструменталист Џијан Емин.

– Моето задоволство е огромно. Мојот прв албум е прво издание на „ЗЏМ Рекордс“. Посебно ми е драго што така се погоди и благодарам на поддршката од ЗЏМ и сите учесници на албумот. Материјалот е снимен во живо и претставува дел од концертниот настап со „Магичниот оркестар“ во Античкиот театар во Охрид, на 2 август 2019 година. Во тој период имавме повеќе настани со овој голем ансамбл, составен од врвни џез и класични музичари и некако оркестарот почна да дише заедно и прозвучи убаво. По преслушување на материјалот од Охрид решив дека е добро да се документира во форма на издание. Материјалот го сними Ален Хаџи-Стефанов, а миксуван и мастериран е од Ангел Ќосев во неговото студио „Подрумот“. Дизајнот на албумот е на Елена Узуновска, објасни Џијан Емин.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 78, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 24-25 април 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот