Џафери за српска „Политика”: Никогаш не бев воден од политичките интереси на мојата партија

Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, говорејќи за тоа што неговата партија ДУИ го доби местото претседател на Собранието, оцени дека е свесен дека имало скептицизам и страв кај граѓаните, но дека докажал дека Албанец на важна позиција не е бауч, јави дописникот на МИА од Белград.

– За време на мојот мандат никогаш не бев воден од политичките интереси на мојата партија. Јас бев претседател на сите народни претставници и комуницирав директно со секој од нив, пред или зад окото на камерата. Со оглед на контекстот во кој бев избран на оваа позиција, по многу тешка криза и биполаризација на нашата земја, а доаѓајќи од албанска политичка партија, мене можеби ми беше полесно за нијанса да соработувам со сите директно, кажа Џафери во интервјуто за денешна белградска „Политика”.

Според него, резултатот на тоа е дека нивото на конструктивен дијалог и култура на дебатата се искачи на високо ниво – сите, и власта и опозицијата, учествуваа конструктивно во работата на Собранието, што е регистрирано во извештајот на Европската комисија за напредок за земјата.

Тој оцени дека тоа дејствувало позитивно и врз релаксирањето на односите меѓу двете најголеми етнички заедници во земјатa.

На прашањето на „Политика” дали по парламентарните избори, Албанец мора да биде на раководна функција во Собранието или во извршната власт, Џафери одговори дека „изминативе три и пол години се доказ дека тоа не е нелогично” и дека тоа е „разумно решение што говори за демократската зрелост на земјата и на демократските институции, имајќи го предвид составот на нашето општество и целта сите граѓани да се еднакви пред уставот и законите”.

Џафери во интервјуто оцени и дека споровите можат да се решат само кога за нив се дискутира директно и без ракавици, истакнувајќи ја „конструктивноста на сите страни” во Собранието во донесувањето важни одлуки и упати совет до лидерите во регионот да користат механизам на отворен дијалог, дури и без посредници”.

– Ние, како земја, својот пат кон напредокот го креираме преку отворен дијалог затоа што таа лекција ја извлековме од долгогодишниот спор со Грција. Добрососедските односи се најсилниот аргумент и придонес што можеме да го дадеме за развој на регионот и напредокот со поддршката од европската заедница, изјави Џафери, кој објаснувајќи ги односите со Србија кажа дека Северна Македонија е суверена, независна држава, која во Собранието усвои Декларација за признавање на Република Косово, која ќе ја почитува и идниот претседател на Собранието.

Како што објасни Џафери за „Политика”, предвремените парламентарни избори, што треба да се одржат на 12 април, беа распишани откако лидерите на политичките партии, поради недоделувањето датум за почеток на преговорите со Северна Македонија, на состанокот кај претседателот, решија да го вратат мандатот и повторно да побараат легитимитет од народот за патот што нивната земја треба да го следи по изборите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот