Џафери за настаните од 27 април: Најлошо што ѝ се случило на нашата парламентарна демокрaтија

Талат Џафери / Фото: Архива на „Слободен печат“

На тој 27 април се случи одлука мнозинството да покаже подготвеност да ја преземе работата во свои раце по принципи на сите парлемнтарни демократии и во такви услови беше искажана волјата на мнозинството да се избере претседател на Собранието и од тој момент тоа да продолжи да ги извршува своите надлежности, рече Талат Џафери кој пред четири години на денешен ден беше избран за претседател на Парламентот кога се случија и насилните нереди.

Во гостување во емисијата „Објектив” на Македонската радио-телевизија тој изјави дека настаните од тој 27 април се најлошото што може да и се случи на парламентарната демократија во нашата земја и порача дека тоа не би смеело ни да се помисли да се повтори.

– Можеби сите ние треба да простиме. За себе лично можам да кажам дека сум простил зашто функцијата ми налага по изборот да не прекинувам комуникација со опозицијата и со мнозинството пратеници во Собранието, но никој од нас не смее да ги заборави тие настани за некој иден парламентарен состав тоа да не го повтори. Кога сега би давал политичка анализа на тоа што се случи, би се косело со она што е моја функција. Но, општа е перцепцијата дека тогашното мнозинство, во чиј дел претходно бев, за жал, како резултат на односите во мандатите што се добија на изборите во 2016 година, не можеа да состават мнозинство и може да се третира како неподготвеност за пренос на власта според она што беше волја на мнозинството граѓани, рече Џафери.

Во однос на тензиите со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница за интерпелација на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и нивното обвинување дека авторитарно се однесувал и не им давал збор, по што ја напуштија седницата, Џафери одговори дека тој е претседател на Собранието и дека ја организира неговата работа според Уставот и Деловникот.

– Интерпелациите, пратеничките прашања и изборот на Влада и нејзини членови се три случаи кога се отстапува од принципот од член 80 од Деловникот за пријавување за збор, според кој последователно за секоја точка од дневниот ред за која се отвора дискусија пратениците се пријавуваат за збор во рок од една минута. Овие се три ситуации во кои не важи членот 80 и една минута „брзи прсти” за пријавување, туку обврска на пратеничките групи и пратениците во овие ситуации е 24 часа пред почеток на закажаната седница да ми достават листа на учесници во расправата, рече Џафери, додавајќи и дека сите пратеници одделно навремено ги известил со писмо на 7 април за закажаната седница за интерпелација на министерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот