Џафери-Хоти: Успешната соработка меѓу Македонија и Косово се карактеризира со меѓусебна поддршка и почитување

Одличните билатерални односи и успешната соработка меѓу Северна Македонија и Косово кои се карактеризираат со меѓусебна поддршка и почитување беа истакнати на денешната средба меѓу претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери и премиерот на Република Косово, Авдулах Хоти, во рамките на неговата официјална посета на нашата држава.

Како што соопшти прес-службата на Собранието, Џафери ја нагласил позитивната и конструктивна соработка меѓу Собранијата на Северна Македонија и Косово и изразил очекување за интензивирање на политичкиот дијалог преку одржување на првата заедничка седница меѓу владите на двете земји.

Џафери нагласил дека, Република Северна Македонија принципиелно ги подржува евро – атлантските аспирации на Косово и во континуитет искажува подготвеност за пренесување на искуствата во овие процеси. Тој изразил надеж за квалитативен напредок на Косово во интеграцијата кон ЕУ, како и добивање на визна либерализација.

-Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија изрази поддршка на дијалогот Белград–Приштина, со убеденост дека ќе биде постигнато одржливо решение прифатливо за двете страни и го поздрави Договорот за нормализација на економските односи меѓу Косово и Србија, потпишан во Вашингтон, се наведува во соопштението.

Премиерот Хоти, упатил честитки за значајните промени, исклучителните реформи и напредокот што го постигна Република Северна Македонија, оценувајќи дека со тоа е создаден нов моментум за развој и стабилност на целиот регион. Тој се осврнал на состојбата во Косово, особено на планот на евроинтеграциите и го нагласи интересот за реализација на проекти за меѓугранична соработка меѓу Северна Македонија и Косово, финансирани од ЕУ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот