Џафери: Годината зад нас беше алармно будење и ни ги разоткри сите слабости

Талат Џафери
Талат Џафери / Фото: МИА

Годината што е зад нас, не само што беше огромен удар врз здравствениот и финансискиот сектор, не само што беше тешка и неизвесна за граѓаните кои живееја во страв од губење на здравјето, животот, работните места, туку беше и алармно будење кое ни ги разоткри сите слабости, празнини и нејасности во функционирањето, истакна претседателот на Собранието Талат Џафери на денешната онлајн симулација на тема „Подготовка за идна криза: Развивање поефективен систем за управување со кризи“.

– Токму затоа ова треба да ни биде научена лекција за која ќе треба во иднина да бидеме подготвени да ја примениме. Овие два дена посветени на симулацијата за обработување на темата „Подготовка за идна криза: Развивање поефективен систем за управување со кризи“, ги сметам за значајни во насока на придонесот кон планирање на идните активности на сите чинители во ситуација на криза, односно, законодавната, извршната власт и се разбира стручната јавност. Тоа што јас како претседател на Собранието и почитуваниот премиер Заев сме дел од оваа симулација денес, меѓутоа и сите други учесници кои придонесувате секојдневно во развивање на општествените процеси, е јасна потврда дека сме поборници на тоа да се биде подготвен за секаква наредна криза. Преку дводневната анализа на постојната состојба и досега уредениот начин на справување со криза, улогата и одговорноста на секоја институција во иднина, а особено надзорната улога на Собранието, како и идентификувањето на точките за подобрување, верувам дека ќе дојдеме до вредни и сеопфатни одговори со цел подобро справување со евентуални кризи кои би можеле да ни се случат во иднина. Ќе биде од голема вредност и придобивка да се слушнат стручните мислења на почитуваните панелисти, како и да се погледне детално анализата на Националниот демократски институт наменета за Управување со криза, како одговор на пандемијата со ковид-19, истакна Џафери.

Тој посочил дека работата во која било сфера, а особено во системот на државното управување бара постојано анализирање, преиспитување, менување доколку се укаже потреба од тоа со цел подобрување и прилагодување на секој нов, неочекуван или непредвидлив момент кој може да предизвика нередовно или дисфункционално работење.

Со оглед на тоа што оваа симулација се реализира во рамки на Проектот за парламентарна поддршка, потенцира Џафери, уште еднаш се потврдува нашата исклучително продуктивна соработка на овој проект вреден за законодавната власт и за Република Северна Македонија. Спикерот Џафери упати благодарност до партнерите во проектот и до почитуваната амбасадорка, Нејзината Екселенција Сибил Сутер Техада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот