Џафери ги предупреди пратениците: Доста со калкулации, доаѓајте на работа!

Талат Џафери / Фото: МИА

Претседателот на Собранието потврди дека ги добил известувањата од пратениците од ЛДП, Моника Зајкова и Боби Мојскоски, и од Павле Трајанов од ДС дека ќе делуваат независно.

Македонското Собрание веќе две недели не може да одржи пленарна седница поради нередовноста на пратениците и нивното непојавување во собраниските клупи. Последната седница беше закажана на 16 февруари, но таа не се одржа бидејќи, поради немање кворум, не можеше да се изгласа дневниот ред. Спикерот Талат Џафери на вчерашната средба со новинарите не прецизираше кога ќе ја закаже новата пленарна седница.

Како главни причини поради кои не може да с еодржи седница, Џафери ги посочи недоаѓањето на сите пратеници од владејачкото мнозинство – СДСМ и ДУИ, на седниците поради коронакризата или други лични причини, проблемот во пратеничката група на ДУИ, како и противењето на опозициските партии да присуствуваат на седниците и да прават кворум за работа на Парламентот.

Спикерот најави разврска на ваквите случувања, особено за намерно недоаѓање на седниците од страна на пратениците од владејачкото мнозинство, поконкретно од пратеничката група на ДУИ.

– Сите пратеници имаат обврска да дојдат на работа, а калкулациите се друга работа. Мислам ќе има разврска, рече Џафери.

Претседателот на Собранието потенцира дека навреме ги информира пратениците за доставените закони и за одржувањето на седниците, а се друго е лична одговорност.

– И Деловникот и Уставот е таков, пратеникот не може да се повикува на одговорност за начинот на работа и општење по однос на функцијата. Пратеникот може самиот да се изјасни како ќе настапува понатаму. Е сега никој не кажува дека од ДУИ некој излегува како самостоен или независен. Тоа право го има секој од пратениците. Тоа не може никој да го казнува. А од друга страна, да делувам како пратеник од таа пратеничка група, а да не доаѓам, е тоа веќе е лична одговорност, рече Џафери.

На првата наредна седница на дневен ред покрај законските текстови и годишни извештаи, ќе бидат ставени и двете интерпелации поднесени од опозицијата за министерот за правда Бојан Маричиќ и вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски. Коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива завчера поднесе интерпелација за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по случајот со бегството на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Претседателот на Собранието потврди дека ги добил известувањата од пратениците од ЛДП, Моника Зајкова и Боби Мојскоски, и од Павле Трајанов од ДС дека ќе делуваат независно од пратеничката група која ја предводи СДСМ, но рече дека нема најави или, пак, формално известување дека ќе се формира нова пратеничка група.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот