Џафери до Сиљановска: Не сме на факултет, кога ќе имаме потреба од предавање ќе ве консултираме

Се вжешти атмосферата на денешната собраниска седница за избор на претседателите, замениците и членовите на собраниските комисии. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на досегашната пракса, побра нова предог-одлука за изборот на собраниските работни тела.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски посочи дека владејачкото мнозинство има дупка во процедурата.

– Ние како пратенички групи не можеме да доставуваме одлуки за да можат процедурите да имаат свој тек. Прво треба да се донесе одлука за основање на работни тела и нивниот персонален состав, па да ги разгледаме предлозите, откако ќе биде тоа завршено тогаш ќе одиме на гласање за кое консензуално се договоривме – рече Мицевски.

Според владејачкото мнозинство пак, одлука веќе има. Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски рече дека постоечката одлука е важечка се до носењето на нова одлука.

– Ние имаме постоечка одлука и таа важи се до носењето на нова. Како координатори се договориме дека треба да се продолжи со овие постоечките комисии, а во следниот период ако, цениме дека има потреба, да формираме нови комисии, рече Митревски.

Според пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска Дафкова, не може да важи претходната одлука бидејќи ова е нов пратенички состав со свои специфики. И таа побара соодветна одлука за формирање на работни тела.

– Не климајте со глава, од право немате познавање ни збор, рече Сиљановска откако 67 пратеници гласаа за дневниот ред.

– Крајно невообичаено е Комисијата за избори и именувања да го супституира парламентот, 67 пратеници подготвени за вежбање само да креваат рака. Ве молам компаративно да погледнете. Крајно е невообичаено е да ги немаме биографиите кога се избираат претседатели на работните тела и нивните заменции за да се видат дали членовите на работните тела во таа област се квалификувани, рече Сиљановска.

Според спикерот Талат Џафери, претничката Сиљановска нема право да ја оспорува стручноста на друг пратеник.

– Мислам дека некоректно е да се обраќате некому дека поим нема од право како што нема потреба да има поим од електро факултет. Должен сум да ви укажам дека немате право да се мешате во изјаснување на пратенците. Тоа не е ваше право да зборувате дека се изјаснуваат механички. Немојте така, овде не сме на Правен факултет. Ако имаме потреба од предавање , ќе ве советуваме како професор таму каде што има потреба. Тука сме колеги избрани од исти граѓани и само тие имаат право да го оспорат нашиот мандат. Ве молам водете сметка понатаму – ѝ посочи Џафери на Сиљановска.

Според пратеникот од редовите на СДСМ Костадин Костадинов, Сиљановска е исфрустрирана бидејќи само на едно избирачко место на предвремените парламентарни избори изгубила со 500 гласови наспроти нула.

– Зошто е тоа така? Бидјеќи е многу поважно но и подобро е, помалку познавање на правато отколу криминал со фришоповите, рече Костадинов.

Според Сиљановска, пак изјавите како фрустрација фројдовски говорат за личноста која ги употребува.

– Немам намера да ги анализирам резултатите, знаете дека сум добила повеќе гласови од целата ваша партија, 380.000 гласови како претседателски кандидат. Господинот нема што да каже бидејќи мисли дека говорот на телото е побитен. Но мислам дека ќе имаме шанса да видиме кој е кој, и кој води сметка за граѓаните и кој каква доверба ужива, рече Сиљановска.

Пратениците со 98 гласа ЗА и 4 ВОЗДРЖАНИ ги изгласаа собраниските комисии и нивниот персонален состав, однсно ги избраа нивните претстадатели, заменици и членови.
Сега Комисијата за мандатно-имунитетни прашања треба да заседава и да донесе заклучок дека на пратеничката Јагода Шехпаска и престана мандатот поради избор во извршана власт. Потоа ќе се чека извештај од ДИК за тоа кој е следен од пратеничката листа. Понатаму Комисијата му предлага на Собранието пратеничкиот мандат да биде верификуван.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот