Џабе факти наспроти омраза

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Некни слушам на Би-Би-Си една интересна теорија која, отприлика, оди вака: неодамнешните истражувања на јавното мислење во западните земји покажуваат дека „успехот“ на лажните вести не се должи на глупоста на публиката или на уверливоста на самите лаги во „вестите“, туку на желбата на еден дел од јавноста да се спротивстави на политичкиот мејнстрим во општествата, што е предизвикано од најразлични рационални и ирационални незадоволства од состојбите во кои живеат луѓето во модерните демократии.

Со други зборови, не дека голем дел од луѓето не разбираат дека се работи за лаги и манипулации во лажните вести, туку намерно (што би се рекло, од инает!) прифаќаат да ги слушаат и да им „веруваат“, а потоа и самите да ги шират и „китат“ тие лажни вести, како своевидна „новогодишна елка“ на политички протест и активен одговор кон состојбите во општеството. На пример, кога милиони Американци велат дека не веруваат во фактичката победа на Бајден на претседателските избори, голем дел од тие милиони знаат дека Трамп навистина ги изгубил изборите, но со своето негирање свесно покажуваат политички, а не фактички став кон таа реалност. Тие, едноставно, не ни сакаат да слушнат што вели „страната на Бајден“ за фактичката, рационално неспорна состојба на работите.

Тоа е суштината на масовниот психо-политички синдром на создавање на „алтернативна реалност“, со „алтернативни факти“, во кои дел од јавноста – свесно – бира да живее, како бегство од реалноста што не им се допаѓа.

Општествените последици од тоа се разновидни и загрижувачки, но првата што ми паѓа на памет е дека е можеби напразно меѓу таквите „паралелни реалности“ да се води аргументирана дебата. Бидејќи фактите и нивната логична и одговорна интерпретација, во таквата дебата, не се ни важни. А таму каде што фактите и не се толку важни, тогаш когнитивните функции на размислувањето биваат заменети со манипулативните, чијашто примарна, примордијална задача е да направат да се чувствувате безбеден (повеќе емоционално и социјално, а ретко и физички) наспроти вистинските или ирационалните стравови што се потиснати во верувањата на луѓето.

Во такви, општествено нестабилни ситуации, луѓето почнуваат да бараат колективни идентитети (расни, етнички, национални, идеолошки) во кои ќе се чувствуваат посигурни, комотни, каде социјалниот „врзивен елемент“ сè повеќе стануваат емоциите, инстинктите, споделувањето на стереотипите, сè до поедноставувањата со „црно-бели“, крајно упростени определувања на „наши“ наспроти „нивни“ („непријатели“, „предавници“ и сл.), со висока доза на целна мобилизација врз основа на таквите ставови кои, сега веќе, се израснати во „вистински вистини“, независно од нивната фактичка точност и како самостојни податоци и како контекст за толкување на тие податоци.

Таа јавност, во ментална, а и во политичка смисла, функционира слично на „стеснетата свест“ на толпата. Социјалните медиуми во САД почнуваат да ја признаваат улогата на своите супер-профитабилни алгоритми во глобалното ширење на таа опасна конфликтна култура во општеството.

А потоа го одгледав и Мајкл Мур во некој разговор на Си-Ен-Ен (заедно со Би-Би-Си, и Си-Ен-Ен спаѓа во мејнстрим медиумите омразени кај толпата која живее во својата „виртуелна реалност“ на лажните вести) кој препорачува уште позасилена борба со употреба на факти против ширењето на лажните вести: како со пушењето, вели Мур – или со носењето сигурносни појаси во автомобилите, велам јас – беа потребни многу години луѓето да се убедат дека таа појава (пушењето) е неспорно, фактички штетна по здравјето, за статистиките (во светот во кој живее Мур) да покажат постепено, но упорно и несопирливо намалување на бројот на пушачи. Ете, така, смета (отприлика, во моја интерпретација) Мур – по трампизмот! – Американците ќе се вратат кон вистинските вредности на либералната демократија, рационалноста и прогресот во општеството.

Па, си реков, да направам некоја паралела, аналогија со македонските прилики?

Ама, се откажав од тоа. Мене и така не ме читаат (а ич не ме ни сакаат) овие во Македонија кои си живеат во светот на лажните вести, каде Земјата е рамна, вакцините се чипирани, власта е предавничка (иако би можела да биде и само неспособна, ама тоа не е доволно), а пописот е следната катастрофа што мора патриотски да се спречи!

Ма, не се сите тие толку будали за да веруваат во глупостите што и самите ги шират. Само сакаат да живеат подобро, а не се може, па им треба некого да мразат. Против тоа факти (и кога ги има и кога ги нема) тешко помагаат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот