„Дезертерот“ ќе го прими „Шпицниот“ во Владата – паднал договор по неколкудневното натегање

Фото: Колаж/Слободен печат

Премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, утре ќе се сретнат во Владата за да разговараат за предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за надминување на енергетската криза, наведе Маја Кадиевска од ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување на ТВ 24.

Нејзината изјава доаѓа откако Ковачевски и Мицкоски неколку дена се натегаа околу локацијата на можната средба, а Ковачевски не сакаше да прифати да се состане со опозицискиот лидер во партискиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ексклузивно вечерва откривам дека утре во 11 часот нашиот претседател Мицкоски и неговиот економски тим ќе имаат средба со премиерот Димитар Ковачевски. Задоволна сум што прв пат во историјата еден опозициски лидер излезе со конкретен предлог за енергетската криза и утре ќе му го претстави на премиерот“, рече Кадиевска.

По нејзината изјава, утрешната средба ја потврди и Владата, но оттаму најавија дека таа ќе се случи во 16 часот.

Ковачевски и Мицкоски ќе се сретнат по неколкунеделните жестоки обвинувања за скандали меѓу опозицијата и власта, во кои беа користени навреди и приземен политички речник – тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека премиерот Ковачевски е „дезертер“ кој поднел лекарска документација дека е трајно неспособен за воена служба, но и билбордите со „шпицниот градоначалник“ Мицкоски што ги нарача СДСМ по избувнувањето на војната меѓу ВМРО-ДПМНЕ и скопската градоначалничка Данела Арсовска.

Мицкоски минатата недела објави дека преку свои врски, ВМРО-ДПМНЕ може да договори набавка на поевтини енергенси за државните потреби и му понуди на Ковачевски цел сет антикризни мерки. На претстојната средба, според Кадиевска од ВМРО-ДПМНЕ, ќе се разговара токму за можните решенија за ублажување на кризата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот