Девојката и животот

Фото: Архива

Кога ме повика Ирена Ристиќ на премиерата на својата претстава „Девојката и смртта“, не знаев дека ќе се одржи во поранешното кино „Вардар“ во Скопје. Кога се најдов таму, и покрај темнината со која бевме опкружени и гламурозното присуството на нашите хероини во тој период, како Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи, јас покрај претставата гледав втренчено околу, трудејќи се да доловам нешто од тој за мене предобро познат простор. Текстот „Девојката и смртта“ е на Ариел Дорфман, човек со чудна историја и животна приказна. Од министер во владата на чилеанскиот претседател Салвадор Аљенде уште во седумдесеттите години, овој Евреин од Русија ќе го помине сиот тој пекол, поврзан со убиството на Аљенде од генералот Пиноче. Извесен број години потоа поминува во различни земји во Јужна Америка за да заврши, на крајот, како професор на Универзитетот Дјук во Дурам, САД. Делото е пишувано во 90-тите години и веќе во 1995 година завршува со игран филм од Роман Полански со Сигурни Вивер, Бен Кингсли и Стјуарт Вилсон.

Магијата на темницата во кино „Вардар“

Блескаво се играше на импровизираната сцена пред сите нас наредени во темницата на киното „Вардар“ во Скопје. Кога започнаа возбудливите ликови од претставата и маестралната улога на Ирена, заедно со Зоран Љутков и Игор Ангелов, јас уште бев потонат во своите размислувања за киното. Ми се редеа како на лента филмовите што сум ги гледал од различни места во киносалата. Бев возбуден повеќе од киното отколку од претставата, морам да признам. Нешто се распознаваше, назад во просторот на ложите, а потоа можеше да се насети балконот. Сите филмови ми поминаа како на дланка, и тоа од журналот пред филмовите „Филмске новости“ со кои почнуваше секоја претстава и понатаму кон чудесните сказни на магичната кинопроекција. Се сетив кога првпат во салата се прикажуваа филмови во кинемаскоп специјално „Кармен Џонс“ и „Вера Круз“, кога се менуваа дрвените столчиња со поудобни и тапацирани. Овде најчесто доаѓав со татко ми кој киното го викаше „биоскоп“ по скопски, и тоа рано попладне, кога знаевме да шмугнеме од дома и да се упатиме кон возбудувањата што требаше да се видат на белото платно.

За еден миг ми помина пред очи приближно сè што сум гледал во тој чудесен “Вардар“ за време на моето детство и адолесценција: од сјајните вестерни, сè до филмовите од типот на „Стинг“. Па и македонските, како што беа „Мис Стон“ или „Солунските атентатори“, бројните партизански филмови или оние од стариот Рим, извонредно шармантните британски изданија. Пред очи ги видов сите актери и актерки, од Џон Вејн, Гари Купер, Роберт Редфорд, Пол Њумен, Питер О`Тул, потоа Елизабет Тејлор, Ава Гарднер или Одри Хепберн…цела една блескава низа, цел еден живот поминат со нивните различни и блескави судбини.

Враќањето назад во тие времиња и тој простор наметнува и сега едно разумно прашање: Зошто киното не функционира повеќе од 30 години? Знам дека во меѓувреме киното е вратено на неговите сопственици со денационализацијата, но зошто не продолжи да функционира како кино со прекрасна сала? Или зошто не функционира и неговата горна сала, позната како кино „Вардар 2“? Или зошто не функционира и терасата како летно кино? Истото се однесува и на киното „Култура“ стотина метри понатаму, со сала што во тие моменти немаше ништо што ѝ беше рамно во градот. Прилично висока, со специјално осветлување со два балкона, од кои на првиот имаше маси со столчиња за седење, салата и ден денес има употребна вредност, но нема никакви шанси да претставува место каде што би се прикажувале филмови. Или другите скопски кина, какви што беа „Младина“, „Бамби“, „Балкан“ или „Балкан бавча“. Потоа киното „Напредок“ во Скопската чаршија, киното „Карпош“ или Домот на градежниците или киното „Кочо Рацин“ во Домот на милиционерите, во соседството.

Во летното кино „Парк“ каде што се прикажуваа прекрасни филмови, a во скопскиот летен пекол, гледањето филм во чудесната темнина на киното и паркот беше навистина настан. Таму одев како дете со моите родители каде што заспивав по неколку минути, а потоа знам дека како заспан ме носеа на раце до дома за да ме стават во моето креветче. Киното „Парк“ всушност беше летна сцена, конструирана на таков начин да послужи и за други претстави. Имаше широко поставен аудиториум, како во театар, со тоа што секој ред беше поставен погоре. Неверојатно убав ред на гледање за сè што можеше да се прикажува таму. Во екот на формирање на Забавниот парк, скоро видов дека објектот го срушиле градските вандали.

Киното – интимен празник во цивилизираните општества

Знам дека денес постојат цели мрежи за домашно гледање на филмовите, какви што се „Нетфликс“ и слични кои се и самите продуценти. Знам дека големите плазма екрани денес доловуваат технички квалитет кој е на завидно ниво. Но одењето во кино денес претставува некој вид интимен празник во цивилизираните општества. Филмовите се прикажуваат во киносалите секаде во светот. Современите технички решенија се секогаш тука и можат да се применат речиси на секој филм. Сепак, тешко може да се замени големиот екран и тајните и возбудувањата што ги носи тој. Затоа кината се единствено место каде што човек може интимно да седне и да се насочи кон белото платно што раскажува најдобро.

По опишаната претстава останав на пијалак со пар другари во ходникот каде што се вадеа карти за кино „Вардар“, сега претворен во кафуле. Слободан Унковски, Пјер Гошев и Петар Арсовски. Секој со својата интересна приказна раскажана со примамлив глас во опуштена атмосфера, а јас и натаму преполн со киното. Генерациски исти или слични, секој имаше што да каже за започнатата тема.

Интересно и толку. Ништо нема да се смени, тоа е очигледно. Штета…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот