Деветтото издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ почнува во киното „Фросина“

Плакат за анимираниот филм „Јон Вардар против Галаксијата“

Во киното „Фросина“, во Младинскиот културен центар во Скопје, во 20 часот ќе биде поставен црвен тепих, а во 20:30 часот ќе почне церемонијата на свеченото отворање на 9. МФФ „Киненова“ и македонската премиера на долгометражниот анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ во режија на Гоце Цветановски, кој е во официјалната селекција за награда на Фестивалот.

Годинашен добитник на наградата на „Киненова“ за особен придонес во светската филмска уметност е австрискиот режисер Улрих Зајдл, кој ќе присуствува на свеченоста и ќе ја прими наградата.

Во текот на следните фестивалски денови до 20 октомври програмата, која изобилува со неверојатни, субверзивни и дефинитивно непознати филмски приказни за нашата јавност, ќе може да се проследи во „Киноверзум“ во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во општината Кисела Вода.

Жирито кое ќе ги додели традиционалните фестивалски награди „Златна грива“ за филмовите во официјалната конкуренција е во состав: Јани Бојаџи – македонски режисер, сценарист и продуцент, со функција на претседател на жирито; Асимина Проедру – грчка сценаристка и режисерка; и Дорина Оарга – романска продуцентка.

Покрај шесте филма во главната програма, каде има филмови од Израел, Хрватска, Грција, Иран, Црна Гора и Северна Македонија, за првпат во нашата земја ќе се претстави и финската кинематографија, а ќе може да се погледне и творештвото на лауреатот Улрих Зајдл преку филмовите од неговата филмска трилогија со наслов „Рај“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот