Девет учесници на деветтото издание на литературниот фестивал „Про-За Балкан“

Деветмина писатели, издавачи, уредници од регионот и пошироко ќе бидат гости на 9. издание на Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“, што ќе се одржи од 19 до 22 септември во Скопје. На годинашниот лауреат Мирча Картареску ќе му се придружат писателите: Јоана Николае, Анте Томиќ, Миљенко Јерговиќ, Оливера Ќорвезироска, Гојко Божовиќ и Калин Терзиски. Нивното севкупно творештво ќе биде претставено на отворањето на фестивалот, на 19 септември, во Даут-пашиниот амам.

Повеќекратно наградуваниот поет, есеист, литературен критичар, уредник и издавач од Белград, Гојко Божовиќ, заедно со хрватската издавачка и литературен агент Дијана Матулиќ и словенечкиот писател и уредник Андреј Хочевар, ќе бидат дел од програмата „Скопје фелоушип“. На вториот фестивалски ден, на 20 септември, тие ќе учествуваат на тркалезна маса на тема „Литературата во време на пост-вистината“ во „Еуропе хаус“ во Скопје.

На третата вечер ќе биде доделена наградата „Прозарт“ на лауреатот Картареску, а секој автор ќе прочита извадоци од своите дела. На 22 септември ќе се одржи дополнителна програма – „Александар Прокопиев за Гојко Божовиќ & Божовиќ и Прокопиев за Данило Киш“ во кафе-книжарницата „Буква“. Организатор на фестивалот е издавачката куќа „Прозарт медија“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 97, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот