Девет деца жртви на трговија со луѓе минатата и оваа година

Трговија со луѓе/ Фото: МИА

Минатата и оваа година во Република Северна Македониа девет деца биле жртви на трговија со луѓе, односно биле сексуално експлоатирани и принудувани на бракови. Полицијата поднела девет кривични пријави против 23 лица, а прворијавениот добил и казна затвор од 17 години додека второ и третообвинетите по 14 години затворска казна.

Ова денеска беше истакнато на одбележување на Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе и претставување на почетокот на веб Кампањата за подигање на свеста на ранливите заедници за опасностите поврзани со трговијата со луѓе, со посебен фокус на трговијата со луѓе за сексуална и трудова експлоатација и за детски бракови како ризик за појава на трговија со деца, во организација на Меѓународната организација за миграции – ИОМ во соработка со Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика.

-Трговијата со луѓе не е само кривично дело, туку е многу повеќе затоа што претставува флагрантно кршење на човековите права. Трговијата со луѓе е новиот вид модерно ропство. Сиромаштијата, невработеноста и семејното насилство се едни од главните причини кај одредена група луѓе која е осетлива и ранлива на трговијата со луѓе. Со жалење можеме да констатираме дека се поголем е бројот на домашни жртви на трговија со луѓе, се поголем е бројот на деца кои се сексуално експлоатирани, нагласи државниот секретар во Министерството за внатрешни работи Магдалена Несторовска  која е и Национален координатор на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција.

Таа истакна дека минатата година во нашата земја од девет идентификувани жртви, шест биле деца од кои сите се наши државјани и сите биле сексуално експлоатирани и принудувани на бракови, а оваа година имало три нови случаи на деца жртви на трговија со луѓе. Полицијата поднела девет кривични пријави против 23 сторители за трговија со луѓе. Првопријавениот за трговија со дете, според Несторовска, првпат после долго време е осуден на 17 години затвор, а второ и третообвинетите на по 14 години затвор.

Несторовска информираше дека единицата која е формирана за откривање криумчерење на мигранти,  разбила вкупно пет организирани криминални групи против кои поднесени се 51 кривична пријава, а за 2019 три кривични пријави против 37 лици и целосно се разбиени две организирани криминални групи.

Според државниот секретар при Министерството за труд и социјална политика Јована Тренчевска, трговијата со луѓе најмногу ги погодува најранливите, а тоа се жените и децата.

-Во насока на подобрување на процесот на идентификација и заштита, во текот на изминатиот период со поддршка на ИОМ воспоставивме пет мобилни тима во Скопје, Битола, Куманово, Гевгелија и Тетово за идентификација на ранливи категории граѓани вклучително и жртви на трговија со луѓе- истакна Тренчевска.

Тимовите во 2019 година идентификувале три жртви на трговија со луѓе, 63 потенцијални жртви и голем број ранливи лица кои биле упатени на соодветна помош и поддрршка до други релевантни институции. Од нив најголем процент биле деца.

Соња Божиновска Петрушевска од ИОМ Скопје рече дека според нивните податоци, покрај сексуалната експлоатација, се подимнантна форма во регионот и кај нас е и трудовата експлоатација во која  се повеќе мажи и момчиња стануваат жртви на трговија со луѓе. За намалување на оваа појава, Божиновска Петрушевска смета дека важна е превенцијата, односно информирање на ранливата поулација за опасностите што ги носи трговијата со луѓе.

Веб Кампањата за подигање на свеста на ранливите заедници за опасностите поврзани со трговијата со луѓе, според организаторите, има цел за сензибилизирање на широката јавност и медиумите, како и високо-ризичните категории, за ризиците поврзани со миграција, со фокус на трговијата со луѓе, и подобрување на свеста за опасностите кои произлегуваат од истите, како и информирање за начини на кој може да се пријави експлоатација и да се побара помош.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот