„Детска игра“: Од градинката во Гевгелија велат дека немало насилство врз повреденото бебе

„Се работи за детска игра во малата група во клон Цветови каде настанале гребаници на едно од згрижените дечиња. Случајот го пријавивме до надлежното Министерство за труд и социјална политика и очекуваме уште утре надлежен инспектор од МТСП да ја посети установата“, велат во реакција од градинката во Гевгелија, во која завчера било повредено десетмесечно бебе, а ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека директорката на градинката се обидела да го прикрие случајот.

Од градинката не објаснуваат како точно се повредило детето.

„По извршениот инспекциски надзор ќе бидете известени за стручниот наод. Дотогаш тврдењето на пратеничката Петкова го сметаме за тенденциозно и политички обоено со изнесени невистини за установата“, велат од градинката.

Случајот денеска беше забележан и во полицискиот билтен:

„На 24.11.2022 година во Полициската станица Гевгелија, Т.Н. (24) од село Брајковци, валандовско, пријавил дека на 22.11.2022, во периодот од 07:00 часот до 14:45 часот, во градинка во Гевгелија, вработените ја запоставиле својата должност за грижа и воспитување на децата, оставајќи ги подолг период без надзор, при што неговата 10-месечна ќерка се здобила со повреди. Како што е пријавено, за ова вработените не го известиле него, ниту пак детето го однеле во медицинска установа за укажување помош“, се вели во полициското соопштение.

За настанот бил запознаен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, по чии насоки се преземаат мерки за расчистување на случајот.

„Грижата за децата е наш императив, а во соопштението на пратеничката Петкова е очигледна грижата за одземените ингеренции на градоначалникот на Општина Гевгелија врз ЈОУДГ „Детска Радост – Гевгелија“ од страна на МТСП, токму поради непостапување согласно законските надлежности во сферата на детската заштита што ги има локалната самоуправа, се наведува во реакцијата од градинката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот