Деспотовски: Утре ќе соопштам дали ќе се кандидирам за лидер на СДСМ

Јован Деспотовски
Јован Деспотовски/ Фото: МИА

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски утре ќе соопшти дали ќе се кандидира за претседател на СДСМ, а денешниот ден, како што вели, ќе го искористи за да се исконсултира со најблиските и семејството.

-Сериозно размислувам за тоа. Член сум на партијата 25 години и сум поминал различни нивоа од почетното најниско, до член на највисоките раководни структури на партијата. Сметам дека имам реални резултати во мојот професионален ангажман така што сметам дека можам да понудам и нов концепт околу кој ќе се обединат не само партијата, туку и општеството. Одлуката не е лесна. Предизвикот е голем, времето е доста комплицирано и одговорноста е голема. Одлуката ќе ја соопштам утре, бидејќи сакам денеска да го искористам денот да се исконсултирам дополнително со моите најблиски и со моето семејство зашто и нив ги вовлекувам исто така во целата приказна, рече Деспотовски во одговор на прашање на денешната средба со новинарите во Дирекцијата на ТИРЗ.

Прашан за коментар за кандидатурата на Фросина Ременски и Димитар Ковачевски за лидер на СДСМ, Деспотовски рече дека не би коментирал околу луѓе, туку смета дека треба да се дискутира каков човек и е потребен на партијата и како да им помогне на луѓето.

-Добро е што има повеќе кандидатури затоа што го покажува демократскиот капацитет на партијата и дека има луѓе што се подготвени во комплицирано време да понесат одговорност и се справат со предизвици. Мене само ме радува што има поголем број на кандидати за лидерското место во партијата, но не мислам дека дискусијата треба да се води за тоа кој, туку за тоа каков човек треба да биде и како да им се излезе во пресрет на луѓето, а не на партијата, потенцира Деспотовски.

Извор: МИА

Видео на денот