Десничарите на испит: Орбан успеа, Додик и Јанша бркаат победа на изборите

додик орбан јанша
Милорад Додик, Виктор Орбан, Јанез Јанша / Фото: ЕПА, Колаж: СП.

И покрај обединувањето на унгарската опозиција, блискиот однос со сега омразениот Владимир Путин и жестоките критики од Европската Унија, Виктор Орбан доби уште еден премиерски мандат. На неодамнешните избори во Србија победи Александар Вучиќ, а сега пред испит се наоѓаат новите мандати на Јанез Јанша и Милорад Додик.

Април оваа година е клучен месец за многу европски автократи, со исклучок на БиХ, каде гласањето ќе се одржи наесен.

Виктор Орбан, Александар Вучиќ и Милорад Додик се меѓу ретките европски лидери кои одржуваат врски со рускиот претседател Владимир Путин. Иако претходно десничар, Јанша го смени курсот на својата политика непосредно пред парламентарните избори и веднаш откако пред два месеци започна војната во Украина.

Унгарскиот премиер Виткор Орбан со помош на украинската криза и поддршката која нескриено ја дава на рускиот престедател Путин, останува на власт и по 12 години владеење со Унгарија. Со мнозинство во Парламентот, неговата партија Фидес ќе продолжи да спроведува режим кој Европската Унија го смета за авторитарен.

Во слична ситуација е и Милорад Додик, член на Претседателството на Босна и Херцеговина.

Промена на курсот на Јанша

Парламентарните избори во Словенија се закажани за 24 април. Иако опозициските партии од словенечката левица постојано бараа оставка од владата и предвремени парламентарни избори, поради, како што велат, авторитарниот стил на владеење со сегашната владејачка коалиција на десниот центар и лошото управување со епидемијата на коронавирусот, Јанша успеа да си ги зголеми шансите пред избори.

Јанез Јанша
Јанез Јанша / EPA-EFE/JULIEN WARNAND

Тој заедно со премиерите на Полска и Чешка неодамна го посети Киев и недвосмислено ја поддржа Украина во војната со Русија. Ова го подобри неговиот рејтинг, но и неговиот статус во ЕУ, со оглед на бројните демонстрации и повици за оставка што ја одбележаа претходната година во Словенија.

Јанша остро ги демантираше критиките на левицата, а како свој адут го наведува фактот што неговата влада го презеде кормилото на државата во тешки услови, со што избегна посилен удар на пандемијата врз економијата.

Анкетите сега покажуваат дека Словенечката демократска партија (СДС) на актуелниот премиер сè уште има мала предност во однос на противниците, додека по неа следи Движењето за слобода (ГС) на Роберт Голоб, кој во моментов има 23 отсто од гласовите.

Решавачката битка на Додик

Изборите за членови на Претседателството на БиХ, но и за претседател на Република Српска се закажани за 2 октомври. Иако се уште не е објавено дали лидерот на Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД), Милорад Додик, ќе биде кандидат за Претседател на БиХ, се очекува тој да побара втор мандат.

Милорад Додик
Милорад Додик / EPA-EFE/FEHIM DEMIR

Истата партија ќе даде кандидат за претседател на Република Српска, кој секако ќе биде актуелната премиерка во Бања Лука, Жељка Цвијановиќ. Опозицијата одлучи да го објави името на својот кандидат за претседател на РС десет месеци порано – потпретседателката на Партијата за демократски напредок (ПДП), Јелена Тривиќ.

Во веќе познатиот стил , Додик продолжи да ги бојкотира институциите на Босна и Херцеговина, што го оневозможи носењето на многу клучни одлуки. Покрај тоа, српскиот лидер во БиХ води отворена војна со лидерите на ЕУ, кои често го обвинуваат за авторитаризам и опструкција.

Во последните денови се шпекулираше дури и дека поради своето однесување и одбивање да соработува со меѓународните и федералните институции во Босна и Херцеговина, Додик би можел да биде упасен.

Видео на денот