Дескоска: Стравот од пораз ја тера опозицијата да спинува тврдења на Венецијанската комисија

Министерката за правда Рената Дескоска денеска ги негираше тврдењата дека Венецијанската комисија препорачува да поминат 60 дена по престанокот на вонредната состојба за да може да се организираат избори.

– Интересно е да се гледа како стравот од избори и свесноста за пораз на опозицијата на нив, тера некои луѓе да спинуваат најнеписмено и најнепрофесионално дека Венецијанската комисија препорачала дека треба да поминат најмалку 60 дена по престанокот на вонредната состојба за да може да се организираат избори. Тоа едноставно не е точно, напиша Дескоска на нејзиниот Фејсбук профил.

Дескоска посочува дека одредбата од грузискиот Устав не е задолжителен стандард на Венецијанската комисија и оти тоа е нешто што државите можат да го земат како добри практики при измена на нивното законодавство. Нашиот устав, вели Дескоска, предвидува дека не може да се спроведуваат избори само за време на траењето на вонредна или воена состојба, односно оти за време на ваквите состојби се продолжуваат мандатите на пратениците и на претседателот на државата.

– Така што исплашените од избори треба да знаат дека за нас задолжително дејство имаат одредбите на нашиот Устав, а не на грузискиот. А дека пофалените одредби не мора да бидат применети во други држави го потврдува и првата страница на Извештајот на Венецијанската комисија на кој се повикуваат, а на која пишува: “Овој документ е компилација на извадоци превземени од извштаи/студии на Венецијанската комисија за вонредна или воена сосотојба и мислења за уставни одредби или закони за вонредна состојба на одредени земји… Оваа компилација треба да се смета само за рамка… Читателот треба да биде свесен дека повеќето од мислењата од кои извадоците се цитирани во компилацијава се однесуваат на поедини земји и треба да ја имаат во предвид специфичноста на ситуацијата таму. Цитатите не се нужно применливи на други земји…, пишува Дескоска во денешниот статус на Фејсбук.

Ова, додава Дескоска, веројатно на правници кои се „скарани” со математиката и логиката, не им е доволно јасно, но на било кој математичар – би требало да му е јасно дека не може да го користи како изговор за одлагање на изборите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот