Дескоска со апел: Почитувајте ги мерките за да нема построги ограничувања

Поминавме една ноќ во вонредна состојба. Она што е различно е можноста Владата да носи уредби со законска сила. Никој веќе нема дилеми дека настапија околности од члeн 125 од Уставот за прогласување вонредна состојба, која има важност најмногу 30 дена. Ако ситуацијата се смири, таа ќе биде прекината, ако продолжи пандемијата, ќе има продолжување, изјави на денешната прес конференција министрката за правда, Рената Дескоска.

– Самото прогласување на вонредна состојба не значи органичување на човековите права, но исто така сакам да укажам дека има уставна можност за ограничување на слободите и правата на човекот доколку има таква потреба. Граѓаните треба да знаат дека ниедно ограничување не смее да би биде дискриминаторско. Во услови на вонредна состојба, ограничувањето не смее да се однесува ни на правото на живот, на мачење, на правна одреденост на казните, уверување, совест, мисла, јавно изразување мисла и вероисповед. Наша заложба е ограничувањата да бидат само во нужни околности. Затоа апелирам сите доброволно и совесно да ги почитуваме мерките на Министерството за здравство и на владата, за да нема построги ограничувања. Сакам да потенцирам дека самото прогласување вонредна состојба не значи забрана на движење, полициски час или затворање продавници. Важат мерките кои до сега се донесени од Владата. Практично, исто е како пред воведување вонредна состоја, само што сега Владата има поголеми надлежности – посочи Дескоска.

Носењето одлука за вонредна состојба, според неа, е за поефикасно регулирање одредени прашања, за справување ефикасно со епидемијата и за заштита на јавното здравје, да се помогне во економијата, стопанството, земјоделството, секаде каде што има потреба.

– Уредбите со законска сила имаат еднаква правна важност како и законите. Во изминатиот период имавме потешкотии со ограничувања, особено во делот на економијата. Некои уредби се веќе подготвените за да измениме некои закоснки одредби. Покрај надлежностите, сакам да укажам дека за да ја надминеме оваа ситуација, треба дисциплина, солидарност. Наша обврска е да се заштитиме самите, но и другите. Вчера кога гласавме за вонредна состојба беше една од најтешките одлуки во мојот живот, но истиот момент бев уверена дека таа одлука е државничка за надминување на ситуацијата во која се наоѓање и за што поскоро враќање на нормалните текови во нашиот живот – рече министерката за правда.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот