Дескоска: Нема да дозволиме да се блокира процесот на носење на законот

Ќе продолжиме да се убедуваме со сите пратеници и ќе бараме мнозинство. Кој има добра намера е добредојден, кој не нема да дозволиме да го блокира процесот на носење на законот – порача министерката за правда Дескоска на прес-конференцијата.

Прашањето околу постапката за предлагање јавен обвинител од страна на опозицијата е една од спорните точки за кои ќе се гради консензус, нагласи на денешната прес-конференција министерката за правда Рената Дескоска.

Таа посочи дека не слушнала ниту едно аргументирано тврдење на вчерашната јавна дебата за тоа дека е добра процедурата јавниот обвинител да се избира на предлог на опозицијата.

– Вреден за размислување е предлогот за транспарентност на постапката за избор на обвинител на организиран криминал и корупација и тој предлог ќе биде земен предвид – рече министерката Дескоска.

Што се однесува до членовите 108 и 109 од законот, кои според Дескоска, се најжешките камења на сопнување помеѓу политичките партии, охрабрува ставот, како што рече, истакнат од повеќе експерти дека дури и да не се напише оти постапките продолжуваат, тие ќе продолжат согласно Законот за кривична постапка.

– Тоа дава простор за градење консензус бидејќи една од забелешките што ја истакнува опозицијата е дека не сакаат да се дозволи постапките да продолжат. Ако нема изрична одредба дека продолжуваат, тогаш тие ќе продолжат согласно Законот за кривична постпка, но нема простор за ставање одредба дека одредени постапки ќе запрат. Тоа е просторот каде можеме да го градиме консензусот – појасни министерката за правда Дескоска.

Дескоска најави дека ќе се обидат да закажат средба со пратеничките групи во поширок формат и изрази надеж дека ќе учествуваат и пратениците од ВМРО–ДПМНЕ.

– Ќе продолжиме да се убедуваме со сите пратеници и ќе бараме мнозинство. Кој има добра намера е добредојден, кој не нема да дозволиме да го блокира процесот на носење на законот – порача министерката за правда Дескоска на прес-конференцијата.

Законот за Јавно обвинителство, појасни претходно, го содржи концетот за градење силно обвинителство за организиран криминал и корупција, кое покрај тековните надлежности што ги има, ќе ги преземе и случаите што ги водеше СЈО. Ова обвинителство, укажа, согласно предложениот текст има одредени статусни и финансиски гаранции, што треба да му овозможат и да му гарантираат независност од извршната, законодавната власт, со цел да не може да биде уценувано ниту од финансиски, ниту да се врши какво било влијание.

Според неа, не се точни некои од тврдењата на вчерашната јавна дебата за овој закон за неуставност во овој концепт.

За министерката Дескоска не е добар ниту предлогот во законскиот текст наместо уставното име на државата да се користи терминот Република.

– Со таков предлог всушност го бришеме зборот Македонија од целиот текст и ќе биде спомнат само еднаш. Првичната и најтврдата позиција на која Грција долго време инсистираше беше зборот Македонија да не биде дел од нашето уставно име. Со ваков концепт со кој ќе го избришете од сите закони зборот Македонија, доаѓате во градење на она што беше суштински интерес на Грција во тоа време. Се надевам дека ова наводно соломонско решение не е решение на ВМРО – ДПМНЕ, со кое тие ќе се обидуваат да го избегнуваат Уставното име, а со тоа ќе избегнат да го употребуваат зборот Македонија секаде каде што ќе можат – рече Дескоска.

Одговарајќи на новинарски прашања министерката Дескоска околу постапката за изборот на јавниот обвинител нагласи дека тие веќе покажале оти може да се направи транспарентна постапка со учество на јавноста и во таа насока се осврна на постапката за избор на Државната комисија за спречување на корупција и на изборот на член на Судскиот совет од самите судии при што учество во надзорот имаат и невладини организации.

Таа истакна дека може да се разговара за зголемување на транспарентноста, но, како што рече, не е до мене јас да прифатам или не, прашање е дали ќе имаме консензус.

– Мислам дека тоа може да се стави на маса, од моја страна има добра волја, ќе зависи од политичките партии, рече таа.

Министерката за правда Дескоска говореше и за измените на Законот за судови во делот за изборот за судиии, при што подвлече дека ставот е усогласен со ЕУ, а тоа е дека во основните судови и во основните обвинителства може да се влезе само преку Академијата на судии и обвинители. Ова прашање било отворено и на разговорите со претставници на опозицијата, на кои било констатирано дека листата треба да биде проширена. Меѓутоа, во неформалните консултации со ЕУ, појасни Дескоска, нивниот став бил дека избран може да биде само судија со десетгодишно искуство во кривична материја, а адвокатите не биле препорачани да бидат проширени во тој опсег.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот