Дескоска најави измени во Кривичниот законик за дела поврзани со тортура

Министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска зеде учество на меѓународна конференција посветена на „Справување со несоодветното постапување на полицијатаРешавање на предизвиците содржани во пресудите на Европскиот суд за човекови права и телата на Советот на Европа“, која се одржува денеска во Бечиќи во организација на Советот на Европа.

Дескоска информираше дека како дел од реформската агенда на Министерството за правда во иднина ќе бидат подготвени измени и дополнувања на Кривичниот законик во однос на кривичните дела поврзани со тортура.

– Овие измени ќе содржат целосно редефинирање на двата члена од Кривичниот законик – мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување и малтретирање во вршење на службата. Исто така, овој предлог ќе содржи и одредба согласно која предлагаме за наведените две кривични дела да нема застарување, и тоа како за кривичното гонење, така и за извршувањето на казната – истакна Дескоска.

Во своето обраќање Дескоска истакна дека и нашата држава имала предмети во кои Судот во Стразбур утврдил повреда на Конвенцијата во однос на постапувањето на полициските службеници. Покрај Судот во Стразбур, оваа состојба во нашата држава е констатирана и во извештаите за ситуацијата во однос на човековите права на Комитетот против тортура, ОБСЕ, Амнести Интернешнал, и други релевантни извештаи.

Како реакција на наведените пресуди и извештаи, Дескоска истакна дека изминатиот период се преземени повеќе мерки за менување на состојбите во оваа област.

Со цел воспоставување на независен надворешен механизам за контрола над работата на вработените во Министерството за внатрешни работи со полициски овластувања и затворската полицијата, беа направени измени и дополнувања на Законот за Јавното обвинителство, Законот за полицијата и Законот за извршување на санкциите, додека во рамките на граѓанската контрола беа извршени измени и дополнувања на законот за Народниот правобранител.

– Со предложените измени се даде основа за формирање посебно одделение во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција со специјализирани јавни обвинители кои постапуваат по овој вид предмети – потенцираше министерката.

Таа информираше дека наведените законски одредби веќе успешно се применуваат во практиката и формираното Одделение во рамките на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција постапува по повеќе вакви предмети.

Дескоска истакна дека значајна новина е дека по овие предмети повеќе не  постапува внатрешната контрола во рамките на Министерството за внатрешни работи, туку истрагата ја води единствено јавниот обвинител и истражителите во јавното обвинителство. Оваа надлежност ја следи и судството, со пропишаната надлежност за постапување по овие предмети на Одделението кое суди за дела од организиран криминал и корупција во рамките на Основниот кривичен суд во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот