Дескоска ја достави до Влада уредбата за кратење на парите на партиите

„Слободен печат“ дознава дека Владата ќе ги скрати и парите наменети за партиите за изборните кампањи. Министерството за права до Владата ја достави уредбата со која бара 4,5 милиони евра пари наменети за политичките субјекти да завршат во борбата против коронавирусот. Од Правда за СП велат:

„Од наша страна сѐ е подготвено. Уредбата ја доставивме до Владата и ќе оди заедно во пакет заедно со останатите мерки за штедење“.

Во меѓувреме на оваа тема и денеска не изостанаа партиските препукувања. СДСМ и денеска ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека ВМРО-ДПМНЕ по долгите прозивки доброволно не се откажува од парите бидејќи се посветени само на политичко профитирање во време на здравствена криза.

– Нема поголемо лицемерие од тоа ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да зборуваат за мерки за штедење, а притоа не сакаат да се откажат од народните пари. Тоа е така затоа што Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се научени само да земаат од државата, а парите да завршуваат во белиот дворец, па дури и денес, во време кога секој денар е важен за справување со економската криза – рече Стефан Васев.

Васев уште нагласи дека во овие тешки времиња, потребна е солидарност и меѓусебно помагање, заедништво и одлучна акција против коронавирусот.

И ВМРО-ДПМНЕ денеска продолжи со прозивките. Преку соопштение информираа дека партијата јавно се откажала од буџетското финансирање уште пред една недела.

– Не само што нема збор функционерите на СДСМ да се откажат од своите плати, нема збор и да тие се откажат од своите привилегии како што се службените возила, телефони, репрезентации кои ги прават со и плаќаат со парите на народот – пишува соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Денеска премиерот Оливер Спасовски го најави вториот пакет мерки за економијата за справување со кризата со коронавирусот. Ќе се кратат платите на државните функционери, претседателот, премиерот, минстрите, директорите и градоначалниците. Во следните два месеци ќе земаат минимална плата од 14,500 денари. Платите на вработените во јавната администрација остануваат нечепнати.

Инаку со едногласното донесување на Законот за финансирање на политичките партии вкупно 39 партии секоја година треба да добиваат 4.583.000 евра, а дополнително си распределуваат уште 319.800 евра за партиско – аналитичките центри.

Најмногу пари од државната каса добиваат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Минатата година владејачката партија добила 1.180.000 евра, а најголемата опозициска партија 1.025.000 евра. На третото место според исплатената сума е партијата на Али Ахмети ДУИ со 441.000 евра, а далеку зад нив се БЕСА со 255.000 евра и Алијанса на Албанците, којашто добила 245.000 евра.

ГРОМ на Стевчо Јакимовски од парите на граѓаните оваа година добила 136.000 евра, а Сојузот на Ромите на Амди Бајрам 116.000 евра. Социјалистите на Ѕинго земале нешто помалку односно 81.000 евра.

Од партиите кои постојано се во коалиција со некоја од двете најголеми партии, НСДП искеширала 58.000 евра, ЛДП 63.000 евра, а ДОМ 54.000 евра.

Дел од партиите кои добија пари оваа година немаат пратеници, ниту пак советници, но освоиле доволен процент гласови за да влезат во распределбата на парите од буџетот. Партијата на Власите партиципира со 11.800 евра, а Левица дури со 94.500 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот