Дескоска до идните судии и јавни обвинители: Бидете независни и почитувајте ги законите

Фото: МИА

Бидете независни и потчинети само на законите! Не слушајте ничии инструкции и не дозволувајте ничие незаконито влијание, ниту од законодавната власт, извршната власт, од која било политичка партија, медиумите, судскиот или јавнообвинителскиот менаџмент. Праксата за „телефонско правораздавање“, местење судски пресуди или обвиненија за кои можевме да слушаме во нелегално прислушуваните материјали, мора да остане зад нас – им порача на кандидатите за судии и јавни обвинители министерката за правда, Рената Дескоска, на Свечената церемонија во Врховниот суд.

Дескоска им посочи на кандидатите за судии и јавни обвинители да ги почитуваат процесните и материјалните права на учесниците во постапката и да запаметат дека притворот не треба да биде казна, туку само мерка за обезбедување присуство која се бара и изрекува само кога е нужно и кога постои основано уверување дека другите мерки нема да бидат доволни.

– Кога ќе бидете избрани на своите функции, државата ќе ви даде моќ, моќ со која треба да ја користите умно и во рамки на законот. Не дозволувајте таа моќ да ве заслепи. Не дозволувајте таа моќ да ве стави во искушение, бидејќи од вас граѓаните кои инвестирале во вашето образование очекуваат да бидете на браникот на борбата против корупцијата, а не да паднете под искушението на коруптивно однесување – рече министерката Дескоска.

Во Врховниот суд на Свечена церемонија директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев”, Наташа Габер – Дамјановска, им ги додели дипломите на 37-те кандидати од шестата генерација завршени кандидати за судии и јавни обвинители.

Најмногу бодови и прворангиран од шестата генерација е кандидатот за обвинител Даниел Коцев, втора е кандидатката за судија Маја Јанушев, а треторангирана е кандидатката Сузана Димитриева.

Габер – Дамјановска во оваа прилика, меѓу другото рече дека 37-те кандидати се млади професионални, од кои во иднина се очекува да ги заземат своите работни позиции и да му помогнат на правосудството, со оглед на тоа што постојат бројни места кои се уште не се пополнети, како за судии, така и за јавни обвинители.

Републичкиот обвинител Љубомир Јовески во своето обраќaње им порача на новите судии и јавни обвнители да не потклекнуваат на притисоците ниту од политиката, ниту од бизнисот, додека пак, врховниот судија Фаик Арслани кажа дека водилка на секој судија и обвинител треба да биде правдата како идеал на правото.

Сепак, оваа генерација на судии и јавни обвинители нема да биде доволна за да се пополнат празните места.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот