Десетина сведоци сами се пријавиле да раскажат за тетовската трагедија, обвинителите изненадени

Увид по пожарот во тетовската модуларна болница/ EPA-EFE/Georgi Licovski

Десетина сведоци деновиве самите се пријавиле во тетовското обвинителство за да раскажат што се случувало ноќта на 8 септември кога се случи трагичниот пожар во кој за неколку минути изгоре модуларната ковид-болница, објави „Дојче веле“.

Станува збор за лица кои вечерта биле присутни во ковид центарот – дел од нив се лекувале, а останатите биле придружба на своите блиски заразени со ковид. Сите тие сведочеле за миговите кога настанал пожарот и нивниот обид да се спасат бегајќи низ прозор.

„Од нигде-никаде се појавија луѓе за кои ние воопшто не знаевме дека ноќта биле во модуларната болница. Тие доброволно дојдоа во Обвинителството и посведочија дека биле таму во моментот кога избувнал пожарот. Тие биле сместени во други соби, но почнале да бегаат низ прозорците за да се спасат, кога огнот почнал да се шири“, вели за ДВ првиот човек на тетовското обвинителство, Бесир Алиу.

Тој е благодарен што тие самите се понудиле да помогнат во расветлување на истрагата за пожарот во тетовската ковид-болница, кој имаше трагичен епилог. 14 лица загинаа, а повеќемина беа повредени во огнената стихија.

„Нивното сведочење е од голема корист, тие беа сослушани во својство на лица што даваат потребни известувања“, појаснува Алиу.

Ова ги потврдува изјавите на родините на пациенти во ковид-центарот кои ден по несреќата тврдеа дека биле придружба и се грижеле за своите најблиски, иако тоа е строго забрането со лекарските протоколи. Поради ваквото непочитување на упатствата на Министерството за здравство, модуларните ковид-центри се најдоа под лупа и на Државниот санитарен и здравствен инспекторат кој изврши вонреден инспекциски надзор во 18 модуларни болници. Меѓутоа при извршените надзори не беа констатирани недостатоци.

Петтемина обвинители коишто работат на истрагата полека го комплетираат досието за пожарот во Тетово. Од тетовското обвинителство велат дека е долга листата на сведоци коишто биле сослушани во изминатиот период – околу 50 лица се појавиле пред истражните органи, а комплетиран е и материјал од неколку илјади страници во текот на двомесечната истрага за трагедијата. Досега се обезбедени и видеоснимки од и околу Клиничката болница, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и обезбедување на целокупниот видеоматеријал објавен, како од индивидуални поединци, така и од социјалните мрежи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот