Десет години од првиот број на весникот „Илинден”

Едиствениот печатен медиум на македонски јазик во Албанија, весникот „Илинден” денеска одбележува 10 години од првото издание, како двоброј за март и април.

-Пред точно 10 години, на 1 март 2011 година како двоброј (март/април) беше испечатен првиот број од македонскиот весник „Илинден” како гласило на македонското друштво „Илинден” – Тирана. Изминативе 10 години, весникот предизвика голем интерес кај македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија, како и меѓу македонската дијаспора во светот. Весникот „Илинден” дава голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Република Албанија, и континуирано работи на заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет и националните традиции на Македонците во Република Албанија, изјави за МИА, Никола Ѓурѓај, главен и одговорен уредник на весникот.

Со гордост додава дека весникот прераснал во медиум кој со сериозноста и со пристапот во објавувањето на темите, е интересен и корисен за македонското национално малцинство во Албанија, но и за промоција на активностите на македонската дипломатија во правец на подобрување на животот на македонското население надвор од границите на својата матична држава.

–Нашата мисија е да го одржуваме и да го поттикнуваме македонскиот идентитет во Република Албанија што преку културниот израз целосно се остварува. Сакаме да веруваме дека ваквата активност ќе биде соодветно поддржана од државните институции како во Република Албанија така и во Република Македонија, но и од Македонците насекаде во светот. Им се заблагодаруваме на сите соработници, кои несебично помагнаат во конципирање на тематската и на визуелната содржина на весникот, посочува Ѓурѓај.

Посебна благодарност од име на редакцијата упатува до читателската публика, која со покажаниот интерес кон содржините што ги понуди весникот, покажала дека тој навистина ја допрел сржта на проблемите на Македонците во Албанија и го приближил македонскиот литературен јазик за нивна комуникација, изразување и творење.

-Според бројните дописи кои пристигнуваат на електронската адреса на редакцијата од „Илинден” како и комуникацијата преку профилите на весникот на социјалните мрежи со читателите, забележуваме дека во десетгодишниот период весникот прерасна во сериозен медиум од чии вести и теми се напојуваат сѐ поголем и поголем број корисници од македонското националнo малцинство во Република Албанија, нагласува тој.

Македонскиот весник „Илинден” досега има испечатено 45 изданија, а почнувајќи од март 2017 година, покрај печатената верзија весникот е и со електронско издание.

-На тој начин нашиот весник стана достапен за целокупната јавност: за сите Македонци во Албанија, регионот и цел свет. Истата година, од септември 2017 македонскиот весник „Илинден” е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски периодични списанија со ISSN 2522-6282 (online) и ISSN 2522-4514 (print) и дел од двата најголеми читачи на вести и клиентска датотека во Македонија: grid.mk и daily.mk, објаснува Ѓурѓај.

Порачува дека весникот продолжува со својата мисија, поттикнување и одржување во континуитет на македонскиот јазик и идентитет во Република Албанија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот