Деркоски: Ниту еден избирач нема да може да гласа без важечки личен документ на изборите на 12 април

Апелира до сите граѓани кои сакаат да учествуваат на изборите да го искористат јавниот увид, да се проверат на Избирачкиот список, но исто така и до над 38.000 граѓани со завршена постапка кои не си ги подигнале личните документи, да го сторат тоа бидејќи нема да можат да гласаат без лични карти.

Ниту еден избирач нема да може да гласа без важечки личен документ на предвремените парламентарни избори на 12 април, предупреди денеска претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски, апелирајќи до граѓаните да ги искористат сите можности на институциите и да извадат лични документи, да се запишат или да променат одреден податок во Избирачкиот список.

– Како ДИК ќе направиме максимални напори на сите граѓани да им овозможиме да го остварат своето право на глас, но не можеме да дозволиме без какви било документи да се извршува гласањето, истакна Деркоски, кој ги повика околу 38.000 лица кои не ги подигнале своите лични документи во МВР да го сторат тоа бидејќи без нив нема да можат да гласаат на предвремените парламентарни избори на 12 април.

Според Роковникот за изборите утре почнува увидот во Избирачкиот список и собирањето потписи за кандидати за пратеници. Деркоски вели дека од Државниот завод за статистика го добиле преработениот Избирачки список и оти од утре сите граѓани кои се заинтересирани да учествуваат на изборите ќе можат да си ги проверат податоците преку веб-страната на ДИК и во подрачни канцеларии. Во моментот во Избирачкиот список се запишани еден милион осумстотини седумнаесет илјади и 28 запишани во Избирачкиот список.

– Сега на Избирачки список ќе се најдат сите граѓани кои на денот на гласање, 12 април ќе имаат 18 наполнети години и ги исполнуваат другите услови и имаат државјанство и постојано живеалиште во нашата држава и дека од тие причини МВР ги доставува до нас и тие списоци. Граѓаните кои во меѓувреме вадат, променуваат лични документи исто така ќе бидат доставени до нас како ДИК за да можеме и ние евентуално да интервенираме, за запишување, промена на податоци итн, истакна Деркоски.

Апелира до сите граѓани кои сакаат да учествуваат на изборите да го искористат јавниот увид, да се проверат на Избирачкиот список, но исто така и до над 38.000 граѓани со завршена постапка кои не си ги подигнале личните документи, да го сторат тоа бидејќи нема да можат да гласаат без лични карти.

– Добро би било да ги подигнат доколку сакаат да учествуваат на изборите. Не секогаш институциите се во криво. Овој пат и граѓаните треба да си ја исполнат својата обврска да си ги подигнат личните документи, рече претседателот на ДИК.

Деркоски информираше дека на оваа година се прави обид да гласаат и над 2.500 возрасни лица сместени во државните и приватните старски домови.

– За тоа ДИК до МТСП испрати барање за добивање податоци за сите оние лица кои се згрижени во установи како што се старските домови низ државата и приватните и државните да ги достават податоците, понатаму ние ќе организираме нивно пријавување, кој сака да гласа за да направиме посебни изводи од Избирачкиот список да организираме избирачки одбори кои ќе го спроведат гласањето во тие старски домови, рече Деркоски.

Тој вели дека е задоволен од ИС што го добиле од статистика и оти се обработени се сите податоци, но оти има уште една група граѓани кои подолго време се провлекуваат на Избирачкиот список кои остануваат нераспределени затоа што немаат адреса на живеалиште во нашата држава.

– Таа бројка се провлекува со години наназад и тоа се веројатно граѓани кои подолго време живеат во странство, се иселени и немаат документи кај нас. Станува збор за над 10.000 граѓани, рече Деркоски.

Од утре почнува собирањето на потписи за предлагање кандидати за пратеници.

– Доколку има заинтересирана група граѓани кои сакаат да соберат илјада потписи може да поднесат своја кандидатска листа. Измени има освен што во канцелариите на ДИК, потписите ќе можат да ги собираат и пред овластени нотари. Доколку се одлучат да собираат пред овластени нотари, ќе мора да ги пријават нотарите до ДИК за да можеме да ги објавиме во јавноста и на нашата веб-страна за граѓаните да бидат поупатени каде во која општина кој нотар може да се искористи за депонирање на потписи и притоа морам да напоменам трошоците за ова ќе си ги поднесат самите кандидати кои ги собираат тие потписи. Канцелариите на ДИК се отворени од 9 до 19 часот и последниот ден на истекот ќе бидат отворени 24 часа, истакна Деркоски.

Исто така во тек е пријавување на нашите државјани од дијаспората во ДКП-та и преку нашата апликација на веб – страната.

– До овој момент се пријавени над 710 наши граѓани кои живеат во странство. Се надевам дека ќе се интензивира пријавувањето во наредниот период и дека ќе ја надминат онаа потребна бројка за организирање и спроведување на изборите, а таа е гласовите кои ги добил пратеникот со најмал број гласови на минатите избори или нешто над 6.540 гласа, рече претседателот на ДИК.

Деновиве партиите почнаа да агитираат, а исто така една политичка партија делела и флаери. Деркоски вели дека во тој дел тие не можат да интервенираат.

– Согласно законот член 69-а и член 2, точка 13 каде што се дефинира што значи изборна кампања и кога почнува. Во овој меѓупериод како и многупати досега ќе имаме појави од ваков тип и нема можност за реакција од страна на ДИК затоа што нема официјален почеток на кампања кој што е по потврдување на листите. Ние немаме сега ниту кандидатски листи ниту потврдени кандидати за да можеме што било да правиме и од тие причини веројатно ќе треба во иднина законодавецот да го дорегулира овој меѓупериод од распишување на изборите до потврдување на листите, рече Деркоски.

Единствено што може е да се реагира, додаде тој, е тоа доколку е прекршен член 8 – а и член 8-б од Изборниот законик за забраните на злоупотреба на државни средства итн. и јавни институции и тоа е работа на ДКСК која во рок од пет дена треба да одржи седница и да даде одговор на секоја претставка која до нејзе е доставена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот