Депонијата во Дексион двапати чистена и повторно полна

Депонија. / Фото: Слободен печат

Граѓани од Општина Ѓорче Петров алармираат дека на самиот излез од Скопје кон Тетово е формирана дива депонија преполна со градежен шут. Според фотографиите што ги споделуваат, дивото ѓубриште е формирано на просторот покрај полициските бараки покрај Вардар во населбата Ѓорче Петров 2, односно Дексион.

Ѓорче Петров стана општина дива депонија, нема населено место во општина кое нема дива депонија – реагираат жители на оваа општина.

Тие бараат решение за овој проблем додека, како што велат, сѐ уште не е доцна, но и одговорност од градските и општинските власти затоа што дозволиле да дојде до оваа состојба.

Покрај тоа, познати сме по најголемата градска дива депонија во Ново Село, која се трупа и пали секој ден, дивата депонија во Волково и дивата депонија во село Орман, кои со брзината на депонирање отпад на овие три депонии што се наоѓаат по течението на реката Лепенец во блиско време би се поврзале меѓусебно по целото течение сѐ до вливот на реката Лепенец во реката Вардар! – информираат за својот проблем во фејсбук-групата „Ѓорче Петров“.

Од Општина Ѓорче Петров велат дека се информирани за проблемот и дека Одделението за инспекциски работи редовно врши контроли на територијата на целата општина, па и на депонијата на излезот од Скопје која, како што тврдат, досега двапати темелно е чистена. Контролите се постојани и се спроведуваат и после работното време и во деновите на викендот.

Општина Ѓорче Петров во континуитет во рамките на своите можности и капацитети ги расчистува депониите и отпадот на своја територија. Депонијата во Дексион кај полициските бараки во изминатите три години, во соработка со Град Скопје, односно со механизација на ЈП „Комунална хигиена“ е двапати темелно исчистена – објаснуваат од локалната власт.

Оттаму додаваат дека со оглед на тоа дека Општината не располага со механизација за самостојно расчистување на депониите, комуналната служба е во постојана координација со Град Скопје и имаат заеднички ингеренции околу расчистувањето на депониите.

На жителите голем проблем им е и депонијата во Ново Село, која и покрај тоа што се расчистуваше мината година, повторно е полна со ѓубре, што укажува дека несовесното однесување на дел од граѓаните и некои фирми продолжува и понатаму.

Од „02 иницијатива“ летово предупредија дека „дивата депонија кај Ново Село секојдневно си работи, топење кабли на отворено, преработка на отпад, циркуларна економија – некој се прави слеп, некој заработува на наше здравје, некој прави голем профит“, но дека ситуацијата не се решава.

Во јуни минатата година екипи на Град Скопје на терен со механизација повторно го расчистуваат просторот, иако старата децениска дива депонија покрај реката Лепенец веќе беше исчистена шест месеци претходно, но во меѓувреме повторно се наполни со отпад.

Надлежните тврдат дека инспекторите и комуналните редари редовно се на терен, но досега не најдоа начин да ја решат ситуацијата и да го спречат фрлањето отпад на просторот кај Ново Село.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот