Денови на македонска музика 2020: Динамично дуо го открива сјајот на музичката уметност

Print

Фестивалот „Денови на македонска музика“ (ДММ) во своето 43. издание свечено ќе биде отворен на 14 септември со драјв-ин концерт со наслов „Генерации“, на кој ќе настапи Биг бендот на Здружението на џез музичари предводено од диригентот Владимир Николов.

Композиторките Дарија Андовска и Симона Гајдоска се новите уметнички раководителки на фестивалот „Денови на македонска музика“ (ДММ). Како и за сите нас, годината за нив почна со разочарувањето што ни го приреди пандемијата на коронавирусот, но тие двете цело лето упорно работеа да ја состават програмата за овој, единствен по својата природа и концепт, фестивал на современа музика во нашата држава.

Минатата година фестивалот не се одржа (имаше само еден концерт), бидејќи не доби средства од Министерството за култура. Тоа беше уште поголем предизвик за Дарија и Симона да направат сѐ што можат годинава да се случи фестивал.

– Нашето првенче, како уметнички раководители, ќе го реализираме во речиси невозможни услови, фатени во коштец со сите познати и непознати проблеми, но и покрај тоа ќе се обидеме на фестивалот да му го вратиме сјајот. Дел од проблемите, со кои се соочи СОКОМ поради претходното раководство, се само дел од многуте познати, а допрва никнаа и нови и непознати проблеми. Ситуацијата со коронавирусот дополнително ја искомплицира и онака сериозната и комплексна состојба. Но – љубов во време на колера, музика во време на корона. Ние, како динамично дуо, себеси се инвестираме максимално за овој фестивал да се прероди како феникс. Оти не само што е единствен фестивал од ваков тип во Македонија и е потребен, туку е и неопходен – нагласија Дарија и Симона.

За разлика од минатата година, Министерството за култура ќе ги поддржи 43. ДММ, за што уметничките раководителки изразуваат огромна благодарност. Веќе е подготвена програмата, а ликовното решение на плакатот е на Владимир Лукаш.

За првпат, по 42 изданија, ДММ нема да биде во траење од 7 до 10 дена на почетокот на пролетта како порано, туку било планирано фестивалот да се одржи дисперзиран во три етапи, или сезони, со многубројни настани во март, јуни и во октомври.

Дарија Андовска

– До крајот на јуни бевме во неизвесност дали воопшто ќе има можност да се реализира барем дел од планираната програма. Сепак, ќе има две сезони, една во септември и една во октомври. Успеавме да се консолидираме во рамките на можностите и да извадиме максимум од тоа со кое располагаме во моментот и за кое условите дозволуваат да се реализира. Сепак, ќе имаме спектакуларно отворање со драјв-ин концерт со Биг бендот на ЗЏМ, под диригентската палка на маестро Владимир Николов. Ваков тип концерт за првпат ќе се случи во Македонија, запазувајќи ги сите здравствени протоколи. Ќе имаме, и покрај сѐ, богата програма, без онлајн концерти, со гости од Франција, Италија, Германија, Србија и од САД, широка палета на македонски изведувачи, меѓу кои и учесници од најмладите пијанисти, неколку оркестри и предизвикувачка музичка програма – откриваат раководителките на 43. ДММ.

Фестивалот ќе се одвива на повеќе локации, како паркиралиштето кај А1 арена СЦ „Борис Трајковски“, потоа Сули ан, Музејот на македонската борба, Македонската филхармонија, Македонската опера и балет. Меѓу уметниците, кои ќе ја оживеат македонската музика на ова издание на фестивалот, се Здружението на џез музичари, Битолскиот камерен оркестар со солистите Татјана Петрушевска, Марјан Милошевски, Стојан Димов, потоа Ана Гацева и Билјана Камчева, Благој Нацоски и оркестарот на МММ, Борјан Цанев, Оркестарот на Македонската филхармонија, Горан Начевски, Сашо Татарчевски, Даница Стојанова, Владимир Костов, Марија Вршкова, Дуо Кировски, Скопски дувачки квинтет, ансамблот „КонТемпора“, Ангел Спироски, „Дуо Солипс“ од Франција, „Икарус ансамбл“ од Италија, Мариел Робертс од САД, група извонредни уметници за омажите на проф. Тома Манчев и проф. Благој Цанев, Нино Димов, Маја Поповиќ, Елена Атанасовска, Наташа Миха Пух, Даниел Апостолов, Марија Ѓошевска, Верица Дивитарова, Антоние Весковски, Весна Ангелова, младите Ана и Ивана Мазнејкови и други.

Симона Гајдоска

– Навистина се потрудивме да го отвориме подиумот и да дадеме што можеме повеќе простор на што повеќе изведувачи. Организацијата на ДММ отсекогаш била обврска на уметничките раководители и на продуцентскиот тим на СОКОМ. Идејата водилка е да ја отвориме сцената за сите, да се прикаже македонската музика во сиот раскош, да им дадеме простор на најмладите, место на пиедесталот на титаните од домашното творештво, да ги разбиеме табуата и да ги прошириме хоризонтите и можностите за соработка помеѓу различни профили на уметници и уметности, како и да ја запознаеме пошироката публика со актуелните текови, со акцент на музичката уметност, кај нас и во светот – велат уметничките раководителки на ДММ 2020.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 48, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 12-13 септември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот