Деноноќна борба со пожарите: На половина Македонија уште ѝ гори „под нозете“

Фото: Миа.мк

Благодарение на професионалноста и солидарноста на пожарникарите и граѓаните, и натаму немаме повредени или загрозени лица. Материјалната штета е нешто што со заеднички сили ќе го надоместиме, сега најголемата грижа на сите мора да ни биде безбедноста, напиша премиерот Зоран Заев.

Во речиси 80 отсто од досегашните пожари човекот е виновникот за огнените стихии, но досега не е откриен ниеден од сторителите, одговорија од полицијата на прашањето на „Слободен печат“.

Наодот на полициските и противпожарните иследници и за последните големи пожари – тој на македонско-грчката граница, во Старо Нагоричане, како и во скопската населба Кисела Вода е ист – човечки фактор!

Во Гевгелија палеле стрништа и пластика

Пламените јазици, потпомогнати од ветрот и од високата дневна гевгелиска температура, се закануваа да ги запалат не само објектите на самиот премин „Богородица“, туку и двете бензински пумпи и нивните резервоари, како и казината што се наоѓаат во тој предел. Сообраќајот на ГП „Богородица“ вчера околу 18 часот беше затворен до 20 часот, а возилата се пренасочуваа на граничниот премин „Дојран“. Првичните наоди говорат дека пожарот е предизвикан од палење сува трева, стрништа и пластика, а силниот ветар е причината што доведе до голем број пожари.

– Еден пожарникар е повреден, едно полициско возило целосно изгоре, пеплосани се 30 хектари борова шума, а делумно е опожарена караулата на македонско-грчката граница. Пожарот е локализиран од гевгелиските пожарникари, потпомогнати од нивните колеги од градот Поликастро во Грција. На терен има дежурни противпожарни патроли – вели Петар Јанчев, портпарол на гевгелиската локална самоуправа.

За пожарот во Кочани според противпожарните иследници е утврдено дека пламнал од искричење на електричен вод, велат од македонската полиција. Искрите паднале во сува трева, која се запалила, а брзиот ветар брзо ја раширил огнената стихија, која се доближи до градските куќи.

Активни неколку пожари

Информациите од терен се дека активен е пожарот кај месноста Бејаз Тепе во близина на селото Нов Истевник во Делчевско-пехчевскиот регион. Тој е ставен под контрола, а постоеше опасност за опожарување на блиските куќи кај маалото Пасјак.

Според податоците на Центарот за управување со кризи (ЦУК), на целата територија беа активни неколку пожари во Скопскиот, Струмичкиот, Кумановскиот, Охридскиот, Битолскиот и во Штипскиот регион.

„Благодарение на професионалноста и солидарноста на пожарникарите и граѓаните, и натаму немаме повредени или загрозени лица. Материјалната штета е нешто што со заеднички сили ќе го надоместиме, сега најголемата грижа на сите мора да ни биде безбедноста“, напиша на својот фејсбук-профил премиерот Зоран Заев.

Сите сили и капацитети на системот, како што напиша премиерот, се ангажирани под прецизна команда на Центарот за управување со кризи.

Состојбата се менува од час во час

Припадниците на Армијата се активни во најкритичните точки во справувањето со пожарите. Хеликоптерите од воздухопловниот ВИНГ кои беа ангажирани во гаснење и локализирање на пожарот во реонот на Старо Нагоричане, каде што исфрлија повеќе од 50 тони вода, беа ангажирани и за гаснење на пожарот кај Кочани, информира Министерството за одбрана.

– Два хеликоптера непрекинато учествуваат во гаснењето на пожарот и ставање под контрола, а еден хеликоптер е во целосна подготвеност за ангажирање. Во исто време, во касарните во целосна подготвеност за ангажирање се ставени уште илјада припадници на Армијата, кои во случај на потреба ќе бидат ангажирани – посочуваат од ова министерство.

Активни се девет пожари во моментов, а состојбата е најсериозна во општината Старо Нагоричани, околу селото Дренак. Состојбата се менува од час во час, но ние ги имаме ангажирано сите расположливи ресурси и верувам доколку не се појават нови, во текот на денешниот ден ќе воспоставиме целосна контрола врз сите пожари – изјави директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Тој посочи дека состојбата е најкритична околу селото Дренак, каде што дејствуваа три хеликоптери од Србија и еден наш армиски хеликоптер. И во реонот на Пехчево хеликоптерот на Армијата гаснеше утрово, соопшти Ангелов. Активни беа пожарите во Валандово, во месноста Погана, кој исто така зафаќа поголема површина со нискостеблести растенија. Гори и во кумановското село Коњух, околу селото Мурашав во Кратово, на Плетвар кај Прилеп и во Делчевско. Во близина на Кочани гори три дена по ред.

– Состојбата се менува од час во час. Ние однапред не можеме да предвидиме како пожарите ќе се однесуваат поради исклучително сувата вегетација и високите температури, но и ветерот што дува, особено во Источна Македонија и брзо го менува правецот. Генерално, имаме контрола врз ситуацијата, ангажирани се сите расположливи ресурси и верувам доколку не се појават нови пожари, ќе воспоставиме целосна контрола врз сите пожари – изјави Ангелов.

Пристигнаа четирите српски хеликоптери

Србија испрати четири хеликоптери за гаснење пожари, кои веднаш беа ангажирани да дејствуваат при гаснењето на непристапните терени. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со неговиот српски колега Александар Вулин, беа на увид на ситуацијата по пожарот во Старо Нагоричане, каде што пожарот беше локализиран.

– Солидарноста и заедништвото се многу важни во вакви моменти, а благодарение на функционалноста на системот, на професионалноста на службите – пожарникарите, полицијата, армијата, локалната самоуправа, но и на смиреноста и солидарноста на граѓаните, како и одговорноста на медиумите при известувањето, ситуацијата со вчерашните пожари е ставена под контрола – рече Спасовски.

Тој додаде дека состојбата будно се следи, со сите ангажирани расположливи капацитети и со оние што допрва се очекува да стигнат од пријателите и од сојузниците.

И Бугарија испраќа помош

Премиерот на Бугарија, Стефан Јанев, ќе испрати помош во Северна Македонија за справување со пожарите, објави новинската агенција БГНЕС. Таа ќе се состои од 25 пожарникари, три противпожарни возила и две амбулантни возила.

Помошта ќе стигне преку механизмот за заемна помош, а бугарските екипи ќе помогнат во справувањето со пожарите кај Кочани и Делчево.

Бугарскиот медиуми потсетуваат дека Јанев во телефонски разговор со премиерот Зоран Заев најавил дека Бугарија е подготвена да помогне на своите соседи за гаснење на пожарите.

Пожарникарската служба не е играчка за локалните власти

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот