Денко Малески или Стојан Новаковиќ?

Држете ги далеку ноктите од Денко Малески. Спознајте ја неговата храброст и прочитајте ги внимателно, со микроскоп, неговите зборови. Бројот на позитивни јавни личности и интелектуалци како Денко Малески не е голем и треба да се чуваат како солза во дланките.

Сакав некако да го обележам 30 мај, во чест на Лондонската декларација од 1913 година. Имам големо почитување за ликот и делото на Стојан Коста Новаковиќ, еден од учесниците на Лондонската мировна конференција и ќе беше идеално да му ја честитам успешно завршената минатовековна работа со положување свежи коприви на неговиот споменик, но немав можност да одам до неговото родно место во Шабац. Како алтернатива за Стојан Новаковиќ, одлучив да ги посетам и да положам свежи мисли врз спомениците на неговите блиски соработници во Охрид – Темко Попов, Коста Групче и Наум Евро од Струга. Во Охрид беше жар сончев ден, но околу три часот попладнето, токму откога излегов, во миг застуде и почна да дува силен југозападен ветар. Езерото беше бесно. Едно дрво лежеше струполено како дело на свевишен забар кој како да го извлекол големиот заб на мудроста. Лежеше дрвото со корените угоре. Како и времето да беше против мојата идеа да посетам такви споменици на таков вид на охриѓани и стружани, какви што биле Темко, Групче и Наум Евриќ. Покрај тоа што беше 30 мај како потстетник на Лондонската мировна конференција и Стојан Новаковиќ, главната причина што јас решив да ги барам спомениците на дотичните охриѓани и дотичниот стружанец беше невидената бесрамна кампања и интелектуален линч врз почитуваниот прв министер за надворешни работи, уважениот професор Денко Малески.

Не постои извор, река, езеро или океан кое може да го измие срамот на сите тие кои го нападнаа синот на стружанецот Владо Малески, храбриот, мирен и сталожен вистинољубец, кој со својот живот и со своите дела покажал дека интелектуално ги сака сите луѓе сосе сите нивни мани и доблести. Јас ги читам уважените колумни на Малески повеќе од една деценија и сум забележал негова постојана природна и нормална метаморфоза и надградба кон подоброто. Малески со сето што го работел, пишувал и јавно зборувал докажал дека сака мир и пријателство меѓу сите народи и држави на Балканот и, пред сѐ, сака просперитетна и напредна Македонија, нудејќи ги своите скромни и добронамерни решенија за комплицираните балкански јазли, јазли, коишто ги врзувале некои други пред нас. Големи, многу големи и многу комплицирани политички злонамерни јазли врзувал Стојан Коста Новаковиќ.

Паметите ли како Денко Малески пишуваше за своите предци

Кои биле Стојан Новаковиќ, Темко Поповиќ, Коста Групчевиќ и Наум Евриќ? Кликнете си на гугл, како што предложи професорот Малески, не е далеку, достапен е за сите. Памети ли некој кога пред 15 години Денко Малески пишуваше за предците на неговата фамилија? Каква храбра и искрена колумна, браво за Малески. Се сеќава ли некој како го опишуваше своето лице? Се сеќава ли некој на која баба ѝ ги должел неговите густи веѓи? Ајде сега сите вие што го нападнавте за неговата најнова и најхрабра и најискрена и најдобронамерна колумна, да си земете огледало и најдете ја вашата лична храброст и љубов кон вистината и да си ги побарате своите предци врз вашите лица. Видете ги во вашите лица вашите дедовци и баби и помислете длабоко и долго за нив и за нивните татковци и мајки?! Имате ли смелост како Денко Малески да напишете храбро и јавно на кого му ги должите вашите лични генетски обележја, и тоа да биде  со цел за да дадете личен пример за балканското зближување помеѓу народите?! Ја има ли некој од вас таа интелектуална и човечка храброст како Денко Малески?! Немате храброст јавно да го кажете? Е немате. Денко Малески има, и тоа од тој вид на храброст што ја има за цел добронамерноста.

Постои и храброст за лошонамерност, како таа на Стојан Коста Новаковиќ, кој бил вонредно паметен и интелектуално беспрекорен политичар, кој влегува меѓу 100-те најславни Срби кои некогаш живееле, но бил добар за српската политика и злонамерен за другите, така што сите вие што го нападнавте Денко Малески, сите фигуративно му положивте цвеќе на паметникот на Стојан Коста Новаковиќ, и ако тоа ви претставува чест и гордост во денешна Македонија во 21 век, тогаш немам друг избор на зборови…

Дали некој албански интелектуалец му ја стегна раката на Денко

Ја забележа ли некој албански интелектуалец и дали ја прочита неговата храбра колумна од пред неколку години, кога пишуваше за Струшките вечери на поезијата?! Дали некој од албанските политички струшки челници се израдува на напишаното и му стегна рака на Денко за укажаната и напишана чест кон албанскиот јазик?! Да напишам накратко што имаше во таа колумна. Денко Малески повторно пишуваше преку личен пример, преку неговите лични сеќавања, кога млад и накиснат трчал околу Струга, помагајќи во организацијата на првите Струшки вечери на поезијата, во тие први, најкршливи години на овој денес реномиран културен фестивал на светската поезија… пишуваше Денко како се криел под стреите на трафиките од летниот дожд. Како се борел со уморот, гладта и жедта на едно послушно работливо дете за да му помогне на својот татко Владо Малески и неговите соработници во придонес за напредок и афирмација на македонскиот јазик. Знаете ли што друго напиша Денко? „Јас знам колку мака мачевме и колку вредно работевме да го афирмираме македонскиот јазик во тоа време, и затоа разбирам зошто треба да помогнеме денес во афирмацијата на еден друг струшки јазик, како што е домицилниот албански во рамките на Струга и во рамките на државата“.

Така напиша Денко Малески, и јас не сум чул дека некој албански струшки политичар, во знак на почитување, разговарал, со едно струшко кафе, за неговото залагање за добрососедство. Тоа е. Луѓето не реагираат на позитивни вести и мисли, сакаат бучава и расправија. Денко Малески, интелектуално и човечки, преку личен пример на основоположник на тој фестивал, го објаснуваше јазолот на проблемот и го оправдуваше акомодирањето и на албанскиот јазик во Струшките вечери на поезијата, кој денес е еден зрел и пораснат фестивал со светско реноме, кој во 21 век веќе треба да има понапредна и поширока хумана цел и не може и нема логика да ги почитува речиси сите светски јазици и култури и да го игнорира албанскиот, кој е домашен и со струшка регистрација. Само вистинскиот искрен и честит патриот го разбира искрениот и честит патриотизам кај другите. Јас патриотизмот на Денко Малески го разбирам и му се восхитувам, а тој на Стојан Новаковиќ не го разбирам, затоа што не е патриотизам, забеган е во национализам и шовинизам, и без да сакам кога го спомнувам Стојан Новаковиќ, и моите чувства сакам-нејќам патуваат кон национализам и шовинизам, по автоматизам.

Затоа тргнав во посета на спомениците на Поповиќ, Групчевиќ и Евриќ. Ги барав ги барав, ги немаше. Барав насекаде по Охрид, прашав и во Струга, но паметници за Темко Попов, Коста Групчев и за стружанецот Наум Евро не можев да најдам, затоа што нема и не треба да има. Њама! Го видов скромниот паметник за удавените бугарски туристи во Охрид во бродот (гледај иронија) од бродот Илинден во 2009 година. Време е да се надгради и да има еден поубав и позначаен изглед и појава на тој споменик. Време е за охридските градски советници и градоначалникот да поработат врз изгледот на тој паметник, затоа што Охрид е сепак туристичко место. И покрај сето тоа што Стојан Новаковиќ го глуждоса во невиден проблематичен јазол, ние сепак како охриѓани сė уште ги симпатизираме и почитуваме нашите бугарски соседи, и тоа не поради инает кон Стојан Новаковиќ и негови следбеници, туку поради наша желба, душа, вистина и во име на идеалот на охриѓаните Петар Чауле и Дервиш Хима.

Држете ги далеку ноктите од Денко Малески. Спознајте ја неговата храброст и прочитајте ги внимателно, со микроскоп, неговите зборови. Препрочитајте ја неговата колумна и слушнете ги неколкупати неговите добронамерни зборови, без брзање. Денко Малески сака Македонија да биде модерна, напредна и успешна држава, во која сите Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Роми, Бошњаци и други граѓани ќе имаат успешен и напреден живот. Бројот на позитивни јавни личности и интелектуалци како Денко Малески не е голем и треба да се чуваат како солза во дланките. Ние мора да имаме топли и специјално блиски односи со Бугарите и соседна Бугарија. Со Бугарија сме заедно во НАТО и сакаме да сме заедно и во ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот