Денеска се празнуваат Светите апостоли Јасон и Сосипатар и девицата Керкира

Тие двајцата беа од седумдесетте апостоли, а Керкира му беше ќерка на некој цар од островот Крф. Јасон и Сосипатар ги спомнува светиот апостол Павле (Римјани 16, 21) и ги нарекува свои роднини.

Јасон беше родум од Тарс како и самиот Павле, а Сосипатар од Ахаја. Првиот, апостолите го поставија за епископ Тарсиски, а вториот – за епископ Икониски. Патувајќи и проповедајќи го Евангелието, овие двајца апостоли стасаа на островот Крф каде што успеаја да подигнат црква посветена на споменот на светиот првомаченик Стефан и да придобијат некои незнабошци за Црквата. Царот на овој остров ги фрли во затвор, а внатре беа затворени седуммина разбојници: Сагорниј, Јакисхол, Фаустијан, Јануариј, Марсалиј, Ефрасиј и Мамиј.

Апостолите ги приведоа овие седуммина во Христовата вера и од волци ги направија јагниња. Кога слушна за тоа царот, нареди да ги убијат со врела смола. Така сите примија маченички венци. А кога ги мачеше апостолите, царската ќерка Керкира ги гледаше од прозорецот маките на Божјите луѓе, па штом дозна зошто ги мачат и самата објави дека е христијанка и им го раздаде својот накит на сиромашните.

Царот се разгневи на својата ќерка и ја затвори во посебен затвор, па бидејќи со ништо не успеа да ја одврати од Христа, нареди и во затворот ја запалија. Затворот изгоре, но девицата остана жива. Кога го виде ова чудо, се покрсти многуброен народ. Тогаш царот разјарен нареди и ја врзаа ќерка му за едно дрво и ја убија со стрели.

Оние што поверуваа во Христа побегнаа од страшниот цар на блискиот остров и се сокрија. Царот тргна на кораб за да ги фати, но коработ потона во морето и нечестивиот цар загина како некогаш фараонот.

Новиот цар ја прими Христовата вера, се крсти и го доби името Севастијан. Јасон и Сосипатар слободно го проповедаа Евангелието и ја утврдуваа Црквата Божја на Крф до нивната длабока старост и таму го завршија својот земен живот, па преминаа кај Господа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот