Денеска се празнува Светиот апостол Јаков

Син на Заведеј, брат на Јован, еден од Дванаесетте. Кога Господ Исус ги повика, тој и брат му Јован ги оставија рибарските мрежи и својот татко и веднаш тргнаа по Него.

Спаѓа меѓу оние тројца апостоли на коишто Господ им ги откриваше најголемите тајни, пред кои се преобрази на Тавор и пред коишто тагуваше во Гетсиманската градина пред да пострада.

Откако Го прими Светиот Дух, Јаков по разни краишта го проповедаше Евангелието и отиде дури до Шпанија. Кога се врати од таму, Евреите со него почнаа да се препираат за Светото Писмо. Бидејќи никако не можеа да му побијат, најмија еден маѓесник Ермоген.

Но, Ермоген и неговиот ученик Филип, обајцата беа победени од силата на Вистината што ја проповедаше апостолот и откако беа поразени се крстија. Тогаш Евреите го обвинија кај Ирод и го наговорија некој Јосија да го клевети апостолот.

Овој Јосија го виде мажественото држење на светиот апостол и штом ја слушна јасната проповед за Вистината, се покаја и поверува во Христа. Кога го осудија на смрт Јаков, го осудија и Јосија. Тој го молеше апостолот да му го прости гревот на клевета.

А Јаков го прегрна, го целива и му рече: „Мир на тебе и прошка!“ И обајцата ги наведнаа главите под мечот и беа убиени за Господ Кого Го возљубија и Кому Му служеа. Свети Јаков пострада во 45 година во Ерусалим. Неговото тело беше однесено во Шпанија, а на неговиот гроб и денес се случуваат чудесни исцеленија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот