Денеска се празнува Свети Амфилохиј Икониски
Рано го остави светскиот метеж и се повлече во една пештера, каде што како отшелник проживеа во подвиг четириесет години. Тогаш се случи да се испразни епископската столица во Иконија и Амфилохиј на чудесен начин беше избран и посветен за епископ Икониски. Беше прекрасен пастир и голем бранител на чистата православна вера. Учествуваше на II Вселенски Собор во 381 година. Ревносно се бореше против злочестивиот Македониј и против аријанците и Евномиј. Лично го молеше царот Теодосиј Велики да ги протера аријанците од секој град во државата. Кога епископот беше воведен во одајата за прием, царот седеше на престолот, а од неговата десна страна беше неговиот син Аркадиј, когошто тој си го беше зел за соцар. Кога влезе Амфилохиј му се поклони на царот Теодосиј, а на Аркадиј, царскиот син, не се ни обѕрна, како и да го немаше таму. Царот Теодосиј многу се разгневи заради ова и нареди Амфилохиј веднаш да се избрка од дворецот. Покрај многубројните дела и подвизи, свети Амфилохиј напиша и неколку книги за верата. Се упокои во 395 година во длабока старост и се пресели во бесмртниот живот.