Денеска протест пред Влада по повод Глобалниот ден на климатска акција

Фото: Драган Митрески/Слободен печат

Македонскиот огранок на „Петоци за иднината“ (Fridays for Future) заедно со Сојузот на средношколци и Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Кирил и Методиј“ денеска ќе се приклучат на Глобалниот ден на климатска акција, организирајќи седечки (sit-in) протест во близина на Владата на Република Северна Македонија, со почеток од 16 часот.

Како што велат од здружението, овој протест за цел има „вршење притисок врз политичките елити конечно да почнат да спроведуваат политики за справување со климатската криза, почнувајќи од воведување на климатската проблематика во формалното образование“.

Денеска од органокот се огласија преку нивната фејсбук фан-страна, а во објавата обвинуваат дека се соочиле со притисоци околу одржувањето на протестот на конкретната локација. Нивното соопштение ви го пренесуваме во целост:

– Активис(к)тите на Fridays for Future коишто, заедно со Сојузот на средношколци и Универзитетското студентско собрание, имаа уредно закажан протест за денеска пред Владата, вчера беа повикани на разговор во полициската станица Беко, откако, повеќе пати во текот на утрото, полициски службеници им се јавуваа телефонски, обидувајќи се да ги наговорат да го презакажат протестот со објаснување дека токму денеска пред Влада ќе се случуваат протоколарни активности со странска делегација.

На крајот, на активист(к)ите им беше понудено „консензуално решение“, од првично планираната локација да се поместат на 300 метри подалеку, на нова, затскриена локација.

Во меѓувреме, на Социјалистичка зора и Гласни идеи, коишто веќе два месеци протестираат против поскапувањето на електричната енергија, не им беше дозволено да го пријават нивниот тековен протест, кој во континуитет се одржува секој петок.

Меѓу другото, според законот, протестните собири не мора да се пријавуваат во полиција, но, погоре споменатите движења редовно ги пријавуваат заради безбедноста на демонстрантите.

Поради вчерашните притисоци, активистите од гореспоменатите движења, денеска во 16:00 часот ќе се соберат на јавен простор спроти Владата и здружени ќе го изразат револтот против полициската држава.

Потенцираме дека локацијата за овој протест е паркот „Република“, односно, просторот околу автобуската постојка на булеварот спроти Влада- се вели во соопштението на скопскиот органок од глобалното движење „Петоци за иднината“ (Fridays For Future).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот