Денес се празнува Преподобна Пелагија

Преподобна Пелагија
Преподобна Пелагија

Покајана грешничка. Родена е како незнабошка во Антиохија. Од Бога имаше голем дар на телесна убавина, а ја употребуваше за погибел на својата душа и на други. Со блуд се имаше збогатено многу. Минувајќи еднаш покрај црквата на Светиот маченик Јулијан, во која проповедаше епископот Нон, таа намина во црквата и ја слушна проповедта за Страшниот Суд и казната за грешниците. И овие зборови толку ја потресоа и изменија, што одеднаш се згнаси од себеси, се исплаши од Бога, се покаја за своите нечисти гревови и припадна пред свети Нон со молба да ја крсти. „Смилувај се на мене, грешната, и крсти ме и научи ме на покајание; јас сум море од беззаконија, амбис на пропаста, мрежа и орудие ѓаволско.“ Така го молеше оваа покајничка со солзи Христовиот архиереј. И тој ја крсти. На Крштението ѝ беше кума блажената Романа, ѓаконисата на оваа црква, којашто потоа, како нејзина духовна мајка, добро ја утврди во христијанската вера. Но, Пелагија не беше задоволна само со Крштението. Чувствувајќи ја тежината на своите многубројни гревови и при голема грижа на совеста, се реши на голем подвиг. Своето огромно богатство собрано со грев им го остави на сиромасите и тајно отиде во Јерусалим, каде што под машко име, како монах Пелагиј, се затвори во една келија на Елеонската Гора и почна тежок подвиг на пост, молитва и бдеење. По три години ја посети ѓаконот на свети Нон, Јаков, и ја затекна сè уште жива, но кога по неколку дена повторно ја посети, го најде нејзиното тело мртво и чесно го погреба. Светата Пелагија се упокои околу 461 година. Така, оваа некогашна грешничка, со покајание и ревност Го смилостиви Бога, доби прошка за гревовите и се освети. Нејзината очистена и света душа се удостои со Царството Божјо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот