Денес се празнува Преподобен Атанасиј Атонски

Преподобен Атанасиј Атонски

Беше роден во Трапезунт, од богобојазливи родители. Рано остана сираче, а по Божја Промисла го зеде некој војвода, го одведе во Цариград и го даде да ги изучува науките. Заради својата кроткост и смиреност им беше миленик на врсниците.

Во детските игри тие ќе го избереа овој за цар, оној за војвода, а Атанасиј за игумен. Како некое претскажување… Кога заврши со училиштето Атанасиј (до постригот Аврамиј) се оддалечи во Малеинската пустина, близу Света Гора, каде што се подвизуваше како ученик на прочуениот Михаил Малеин. Желен за потесен подвиг, се пресели на Света Гора заради безмолвие.

Но, околу него почнаа да се собираат мнозина ревнители кон подвижничкиот живот и тој беше принуден да ја соѕида својата славна Лавра. Во тоа изобилно му помагаа византиските цареви, најпрво Никифор Фока којшто и самиот сакаше да се замонаши и да се повлече, а потоа Јован Цимисхиј.

На свети Атанасиј навалуваа многубројни искушенија и од демоните и од луѓето, но тој како храбар Христов војник одолеваше на сè и со својата неизмерна кроткост и непрестајна молитва кон живиот Бог сите ги победуваше. Полн со Божја благодат, се удостои да ја види Пресвета Богородица, Којашто чудесно низведе вода од карпа и му вети дека секогаш ќе биде Икономиса (Игуманија) на манастирот.

Атанасиј предничеше пред своите браќа и во работата и во молитвата и сите ги љубеше со љубов на пастир и духовен отец. Смртта му дојде ненадејно. Еднаш со шестмина монаси се искачи над една новоизградена црквена припрата да го прегледа ѕидот што се ѕидаше тогаш, но ѕидот се урна и сите ги затрупа. Така заврши овој голем светилник на монаштвото, во 980 година. По смртта повеќепати им се јавуваше на своите собраќа за да ги утеши или укори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот